1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повторно „глумат“ кавга

Катерина Блажевска9 јули 2013

Аналитичарите ги отфлаат шпекулативните најави за предвремени избори на есен, а особено за можноста ДПА да ја замени ДУИ во владата. Оценката е дека врската на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во меѓувреме прерасна во стабилен „брак“

https://p.dw.com/p/1946o
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Изјавата на премиерот Груевски дека „се влошени односите со ДУИ", ја разработи берзата на прогнози за иднината на владината коалиција.

Аналитичарите ги отфлаат шпекулативните најави за предвремени избори на есен, а особено за можноста ДПА да ја замени ДУИ во владата, како што објавија некои медиуми. Кај поголемиот дел од нив преовладува ставот дека ова е само партиско дефиле за презентирање на маневарските можности на ВМРО-ДПМНЕ, пред се, како „дисциплинска лекција" за превенција од ново „Слупчане". Според нив, реториката е веќе видена, односно се работи за уште една бенигна епизода од серијата „топло-ладно" која стана заштитен знак на владината коалиција. Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, смета дека јавноста е веќе заморена од таквата игра.

„Таа игра е веќе видена и добро прочитана. Дополнително, при секој дипломатски и политички пораз Груевски мора да ја промени темата и најзгодно му е да се справува со внатрешните и надворешните непријатели: ред странци, ред опозиција, а одвреме навреме и со партнерите. Откако ќе ги разменат политичките шлаканици, како ништо да не се случило - ќе отидат на седница на владата и братски ќе соработуваат", прогнозира таа.

Кавги за рејтинг

Хронологијата на односите меѓу владините партнери покажува дека ДУИ е исклучително лојален партнер на ВМРО-ДПМНЕ и дека меѓу нив има „пресметка" на јавна сцена еднаш годишно, по која и двете партии книжат само повисоки рејтинзи. Тоа го покажаа случаите „Кале", „Слупчане", „законот за бранители", преименувањето на училиштата, а веројатно тоа ќе се случи и со преименувањето на македонските топоними во Тетово. Јавна проверка, но и потврда на лојалноста имаше и пред недели, кога одговарајќи на прашањето дали албанскиот фактор се користи како дел од притисокот Македонија да се согласи на промена на името, премиерот изјави дека од меѓународната заедница „праќаат абери дека ДУИ може во секој момент да ја извадат од владата и со тоа владата да падне".

Radmila Sekerinska von der SDSM Partei in Mazedonien
Радмила ШекеринскаФотографија: Petar Stojanovski

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, експресно одговори:
„Меѓународната заедница никогаш нема побарано од нас да го условиме решението на спорот за името со излегување од владата. Напротив, секогаш бараат заеднички да се динамизираат напорите за решение на спорот".

Од ДУИ ја релативизираат и изјавата за влошени коалициски односи.

„Нормално е дека има разлики, бидејќи се работи за две партии кои претставуваат два посебни народа. За тоа е постигнат коалициски договор за владеење и битно е дека од двете партии се почитуваат основните принципи на договорот. Дневни разлики за различни прашања има и во рамките на самите партии, а камо ли меѓу две партии", вели Османи.
На изјавата на премиерот дека политичките лидери на Албанците во Македонија посветуваат многу повеќе внимание на квантитетот на функционерските места, отколку на кадрите што ги назначуваат, ДУИ во дипломатски ракавици нотира исти забелешки и за коалицискиот партнер.

„Понекогаш имаме впечаток дека други партии не обрнуваат внимание на квалитетот на кадрите, а од друга страна ние често го рушиме внатрепартискиот мир, водејќи сметка за изборот на квалитет, а не само за партиски мерит-систем. Веројатно има слабости и кај едните и кај другите штом впечатокот е обостран", вели портпаролот на ДУИ.

Соло-дипломатија

Во меѓувреме паднаа во вода и сомнежите дека на ВМРО-ДПМНЕ не му се допаѓаат дипломатските офанзиви за интеграциските процеси на ДУИ во САД, Германија, Албанија, а денес и во Бугарија, кои наликуваат на солирање во надворешната политика.

„Не гледам ништо лошо ДУИ да е поактивна, се додека тоа е со добра намера. Така и подобро ќе се запознаат со проблемот, но и со непринципиелноста кон Македонија", изјави неодамна премиерот. Слично објаснување денес има и поранешниот министер за надоворешни работи, Антонио Милошоски.

Aspen Konferenz
Антонио МилошоскиФотографија: DW

„На ДУИ досега и беше покомотно одговорноста за евроинтеграциите да ја префрла врз носечкиот чинител во власта. Но, сега, откако раководи со ресорите евроинтеграции и одбрана, кај нив има поголема мотивираност да покажат дека вложуваат напори за исчекор напред. Колку тоа ќе вроди со плод ќе видиме наскоро. Ако добиеме датум за преговори, ќе се види дали некој досега можел да направи повеќе - а не направил, односно ќе се увери дали тоа се помалку зависи од РМ, а се повеќе од надворешни политички фактори", вели Милошоски. Од темите кои досега предизвикале најголемо несогласување меѓу двата коалициски партнера, Милошоски го посочува случајот „Слупчане".

Почеток на крајот?

Универзитетскиот професор Мерсел Биљали, кој ги следи политичките и меѓуетнички односи, смета дека секоја изјава на премиерот е поконтрадикторна од претходната, дека популизмот на власта е потрошен и дека ова може да биде почеток на крајот на оваа власт.

„Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ се однесува како обезглавена кокошка, по рафалните извештаи од меѓународната заедница, вклучувајќи ги и оние од државите кои во изминатиот период се докажаа како наши пријатели. Ако не се реши името, во октомври се очекува реален извештај, а не фабрикуван како што беа досегашните за да го охрабрат да го реши името. Тој ќе биде многу црн извештај со предлог да се одземе препораката, а можеби и статусот на кандидат. Режимот е при крај и дејствува под нервоза. Сака предвремени избори за личен или групен спас. Калкулира со ДПА, но и тоа нема да му успее. Крајот е на виделина. Може да избира да замине со решен спор со името, како блага варијанта или со груба варијанта која ќе донесе многу неизвесности", вели Биљали.

Тој е меѓу ретките кои прогнозираат ваков исход. Потсетувајќи на слични тензии што се крена во јавноста за наводното излегување на ДУИ од владата во 2008 година, аналитичарот Рамадан Рамадани неодамна констатира: „Тогаш уште беа дечко и девојка, а сега се веќе во стабилен брак".

За еден месец, се очекува стабилноста на бракот да биде потврдена или демантирана. Лакмусот повторно ќе биде „Слупчане".