ВМРО- ДПМНЕ избира претседателски кандидат
1 март 2014Делегатите денеска избираат меѓу четворицата кандидати кои доставија свои кандидатури до партијата - актуелниот претседател Ѓорге Иванов, универзитетскиот професор Јове Кекеновски, магистерот на науки Божидар Ночев, како и адвокатот и поранешен државен јавен обвинител Ставре Џиков.
Редоследот на претставување на кандидатурите беше утврден на средба на претставниците на кандидатите со генералниот секретар на партијата Емил Димитриев. Секој од кандидатите ќе има еднакво време и право за претставување пред делегатите.
ВМРО-ДПМНЕ, како соопшти партијата, со својата Конвенција спроведува демократски, отворен и транспарентен процес во кој одлуката за тоа кој ќе биде кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја донесат 1.300 делегати.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пак, синоќа на седница расправаше и за одржување на предвремени парламентарни избори, откако коалицискиот партнер во Владата, ДУИ најави дека ќе поднесе барање за распуштање на Парламентот и распишување парламентарни избори.
Претходно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претставници на партијата имаа средба со лидерите на помалите политички партии кои се нејзини коалициски партнери. Предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 27 април, паралелно со вториот круг од претседателските.