Властите се сомневаат во самоубиствен напад на Тјенанмен
29 октомври 2013Во инцидентот кој првично беше опишан како сообраќајна несреќа загинаа пет лица, а околу 40 беа повредени. Првичната проценка беше дека возилото ги пробило барикадите и удрило во пешаците како резултат на несреќен случај. Денеска, неофицијалните информации велат дека се засилуваат сомневањата оти се работело за самоубиствен напад.
Властите се сомневаат дека нападот бил планиран во пресрет на заседанието на Централниот комитет на Комунистичката партија, на кое треба да бидат донесени важни економски реформи.
Полицијата се‘ уште истражува и досега не успеала да го утврди идентитетот на трите лица кои се наоѓале во автомобилот, кој прво удри во толпата, а потоа се запали. Се трага и по уште две лица од западниот регион Синџијанг.
„Тоа не беше несреќа. Џипот ги урнал барикадите и удрил во пешаците. Трите напаѓачи немале намера да бегаат од местото“, вели извор во кинеското раководство кој инсистирал на анонимност. Тој вели и дека во џипот имало големо количество запаллив материјал.
Истрагата е концентрирана на луѓе со ујгурско потекло, муслиманско малцинство од регионот Синџијанг.
Официјално, случајот не го коментираат ниту кинеското МВР ниту министерството за надворешни работи. Во инцидентот загинаа тројцата патници во возилото и двајца туристи.