1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта во акција за расцепување на третиот блок

26 октомври 2016

По „предлог-пакетот“ за коалицирање што ВМРО-ДПМНЕ и го понудила на партијата на Љубчо Георгиевски, и претставници на МОРО - Работничка партија биле повикани од техничкиот премиер на разговор за соработка

https://p.dw.com/p/2RhrC
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

И техничкиот премиер Емил Димитриев, чиј мандат е врзан за спроведувањето на изборите од кои се очекува да бидат фер и демократски, се вклучил во активностите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за договарање изборна соработка со партии кои сега не се под нивниот коалициски чадор. Фокусот е ставен на партиите од третиот блок и на оние за кои се очекува да му се приклучат. Според извори од „Илинденска“ број два, вчера во кабинетот на Димитриев биле повикани претставници на МОРО-Работничка партија, на разговор за соработка со владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според истите извори, од МОРО-РП било побарано денеска да ги презентираат нивните партиски барања, со кои таа соработка би можела брзо да стане реалност. Од МОРО - РП, која е дел од опозициската Коалиција за промени и правда, заедно со Демократскиот Сојуз, Фродем и Демос, се воздржани во одговорот дали нивни претставници биле повикани на разговор, но и не негираат.

„Ние сме отворени за соработка. Кој и да не повика на разговор, ние ќе прифатиме, за да видиме каква соработка ни се нуди“, велат од партијата. 

На прашањето - што може да разговараат и да бараат од партија против чие владеење МОРО-РП јавно декларира дека се бори, од таму одговараат: „Па би побарале да го сменат начинот на владеење“.

Mazedonien Emil Dimitriev Interims-Premierminister
Фотографија: MIA

Власта нуди позиции

Но, извори од десницата велат дека „ѓаволот одамна ја однел шегата“. Под притисок од ВМРО-ДПМНЕ со „неверојатно коректна понуда“ е и ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски, која треба да реши дали ќе настапи самостојно, во коалиција со опозицискиот центристичко-десничарски блок или со владејачката партија. Од ВМРО-НП не кријат дека ВМРО-ДПМНЕ во предлог-пакетот за коалицирање и изборна соработка им понудила министерски, директорски и ред други раководни позиции. Нов „рефреширан“ предлог добиле и синоќа, непосредно пред почетокот на вонредната седница на Извршниот комитет на партијата, на која повторно не бил изграден став со кого да коалицираат.  Одлуката ќе ја донесат до петок.

„Срамно е ако партијата се продаде за некаква понуда, макар била и најгалантна“, вели Ј.П. член на ВМРО-НП.

„Еве, јас сум невработен и би требало да сум заинтересиран за таква соработка. Можеби сум наивен, и идеалист, но ако досега јавно зборувавме дека на земјата и се потребни темелни промени, не може тој став преку ноќ да го заборавиме и да го трампаме за неколку раководни позиции и за вработувања на партиски кадри. Ако се сведе на тоа, ВМРО-НП ќе ја снема од политичката сцена и срамно ќе се претопи во ДПМНЕ, партијата за чие владеење имаме многу забелешки“, вели соговорникот. Тој посочува дека обидите за спречување на обединувањето на опозициската десница траат подолго и со различни методи.       

Притисоци од двете страни

На ваквите состојби укажува и професорот Јове Кекеновски од Фродем, но тврди дека притисоците доаѓаат од двете страни - и од партиите на власт и од опозицискиот блок.

„Опструкциите се реализираат преку најразлични активности, на пример, поединечно повикување на членки на Коалицијата да го напуштат третиот пат и да се приклучат или кон едните или кон другите. Исто така, со оглед на хипотеките кои ги носат одредени личности на високи позиции од потенцијалните коалициски партнери се прават напори истите да одработат за да не дојде до окрупнување на овој блок. Во овој момент високи партиски личности, пред се, од блокот на власта (засега само вербално) се обидуваат на своето разочарано членство да им упатуваат закани или ветувања се со цел да не ги напуштаат, но и да ги маргинализираат носителите на третиот блок. Одат дотаму што од одредени лидери со пишан документ и со ветување за финансирање се обидувааат да направат паралелен десничарски блок со нивни веќе видени и во многу наврати употребени тројански коњи“, вели Кекеновски.  

Според него, стравот доаѓа поради можноста третиот блок на изборите да освои доволен број пратенички места, со кој ќе стане неодминлив фактор за формирање на идната влада.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Фотографија: Jove Kekenovski

„Тоа е во спротивност со тајниот договор на двајца од потписниците на Договорот од Пржино, за по изборите без разлика на резултатите од нив, да направат заедничка широка коалиција. Едноставно договорените математики им паѓаат во вода. Затоа упатуваме посебено предупредување, пред се кон опозицискиот блок, да престане со ситните егоистички калкулации и да покаже ширина, бидејќи одговорноста е огромна како кај централно-десничарскиот блок, така и кај најголемиот опозициски блок предводен од СДСМ. Природна е заедничка антирежимска борба, но уште поприродно е на третиот блок да му се овозможи слободно да се избори за своето место под сонцето. Секој погрешен чекор, судир на суети, писма со кој се бара цепкање на централно-десничарскиот блок и формирање друг блок, може да ја доведе во прашање победата и гласачката волја на мнозинството опозициски ориентирани граѓани“, предупредува Кекеновски.

Заеднички меморандум           

Токму поради ваквите предизборни, но и постизборни притисоци и „византиски игри“, новоформираната партија „Левица“ вчера упати повик до сите опозициски партии, вклучително и до партиите од албанскиот блок, за потпишување заеднички меморандум во кој ќе се каже дека секоја партија потписник по изборите нема да поддржи влада во која учествува ВРМО-ДПМНЕ, и дека истата нема да учествува во таква влада.
„На таков начин, не само што јавноста ќе има потранспарентна слика за позициите на сите политички партии учесници на изборите, туку и меѓународниот фактор ќе биде дестимулиран да прави некои постизборни комбинации кои ќе ја вклучат онаа партија која зад себе има оставено крупен криминал во оваа земја“, рече Здравко Савевски од „Левица“. Сега на потег се партиите кои треба да декларираат јасни позиции по ова прашање.