1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вирус на марширање

5 август 2010

Во Германија од денеска (05.08) почнуваат Деновите на пешачењето. Пешачењето има традиција и во Холандија. Во градот Најмеген, од 1909 година се одржува четиридневен „народен марш“ на кој учествуваат и до 50.000 луѓе.

https://p.dw.com/p/ObpI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тренинг за големиот марш. Двесте километри за четири дена. Можеби малку е лудо или, пак, сите овие луѓе се инфицирани од вирусот на четиридневниот народен марш во Најмеген. Еден од нив е и Берт ван дер Ланс. Тој оваа година ќе учествува по 63. пат. Се` е до карактерот:

„Добро се пробивам. Истото го правам и на работа. Има нешто посебно во тоа: да не се откажуваш, туку да истраеш. Освен тоа, добро е за здравјето.“

Поранешниот раководител на банка е горд на своите медали. Тие не се само обични спортски одликувања, туку официјални ордени со софистициран систем:

„Со 25 пати учество, една боја, со 40 и 50 друга, а со 60 веќе го добивате овој медал.“

Teilnehmer des Vierdaagse Marsch
Берт ван дер Ланс учествува на маршот по 63. патФотографија: DW

Во 1948 година тој имал 15 години и трчал за првпат. Оттогаш најчесто трча сам, освен за време на отслужувањето на воениот рок:

„Двапати трчав како војник, и тоа 40 километри со торбите на грб.“

Воениот камп го организира Мајор Рулофс. Шест илјади војници, од кои една третина странци, се сместуваат тука. Пред околу сто години, четиридневниот марш беше само воена вежба. Денес војниците се малцинство меѓу учесниците и сосем ретко се маршира во ист ритам на чекорите:

„Така се маршира само во градот за граѓаните да можат да видат како изгледа сето тоа, и за да чујат како се пее правилно. Дозволено е да се пее, но правилно!“

Мора да биде правилно, дури и ако четиридневниот марш значи вонредна состојба во градот.

Врска со традицијата и пат кон нови пријателства

Семејството Беркелион се подготвува за тренингот. Минатата година сите учествувале на маршот. Родителите трчале, децата аплаудирале. Сите заедно тренираат. Триесет километри одеднаш. Десетгодишниот Штајф добро издржува. Неговата сестра Елин има дванаесет години, најмалата возраст со која е дозволено учество во маршот. Таа трча за првпат. Против здодевност и исцрпување при трчањето постои еден добар трик:

„Секогаш ветуваме дека ќе добијат сладолед или пијалок ако изодат 10 или 12 километри.“

Тука, секако, се и медалите, вистинска награда за децата-учесници, но има и други нешта кои мотивираат.

Vierdaagse Marsch
Четиридневниот марш во Најмеген значи вонредна состојба во градотФотографија: DW

„Ги сакам медалите, а ми се допаѓа и кога луѓето се восхитуваат на тоа што трчам“, вели едно девојче.

Во Најмеген е се` уште мирно, но наскоро 50.000 луѓе ќе се најдат низ улиците од градот. Покрај споменикот подигнат во чест на сите кои трчаат, има и споменик за оние кои биле повредени или починале во текот на маршот.

Психологот Рико Шуиерс истражува што ги мотивира луѓето да учествуваат во овој марш:

„Станува збор за поврзаност што луѓето ја имаат кон традицијата; за иницијатива во која сите заеднички придонесуваат и пружаат поддршка и на непознати, што претставува и начин на создавање нови пријателства. Сето ова е во природата на Холанѓаните.“

Можеби вирусот на четиридневниот марш е она што ги вознемирува Холанѓаните.

„Сите сме болни“, констатира на крајот Берт ван дер Ланс. Тој се` уште не се откажува. Трча и понатаму. На крајот на краиштата, и тој е Холанѓанец.

Автор: Андреа Касиске / Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска