1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виетнам-синдромот до денес ја мачи Америка

Спенсер Кимбал/З.Јордановски30 април 2015

Војната во Виетнам и’ ги покажа границите на американската воена моќ. Долгите сенки на таа војна, во која загинаа 58000 војници на САД и милиони ветнамски војници и цивили, се присутни и по 40 години од нејзиниот крај.

https://p.dw.com/p/1FIAM
Фотографија: NATIONAL ARCHIVES/AFP/Getty Images

Клиф Рајли на телевизија го гледаше падот на Сајгон на 30 април 1975 година. Тој на 19-годишна возраст, во 1966, доброволно се пријави во армијата. Рајли, раководен од некритичка национална гордост, која водеше потекло од американското учество во победата над фашизмот во Втората светска војна, во почетокот веруваше дека американската интервенција во Виетнам е исто така праведна војна - овојпат против заканата од комунизмот.

Кога стигна во Виетнам, Рајли забележа сиромаштија и веруваше дека САД можат да помогнат. Но, реалноста не беше црно-бела, туку збунувачка. Кај Рајли се’ повеќе растеше сомнежот во американската интервенција. Тој го виде страдањето на Виетнамците, виде како нивната земја беше опустошена од војната и се праша дали Америка навистина прави нешто добро: „Ние ја уништивме нивната земја. Се загрижив што ќе биде со нив кога ние ќе ја напуштиме земјата“, вели Клиф Рајли денес.

Рајли во војната загуби пријатели, седуммина школки другари од Охајо. Кога на телевизија виде како Северновиетнамците го прегазија Сајгон, го обземаа бес и тага поради се’ што беше загубено: „Плачев неутешно, врескав ’Зошто, зошто сето тоа? Моите пријатели беа убиени. Зошто?‘“

Agent Orange Einsatz Vietnam 1966
Исфрлање на „ејџент оринџ“ во 1966 годинаФотографија: picture-alliance/akg-images

Зошто претседателот Џонсон водеше војна?

Ни 40 години по падот на Сајгон никој не може логично да објасни зошто гинеа другарите на Рајли, војниците на САД. Во фокусот на прашањето е Линдон Бејнс Џонсон, 36. претседател на САД. Тој беше либерален демократ од Тексас, реформатор, кој се залагаше за социјална и расна еднаквост. Но, неговата прогресивна внатрешна политика беше во контрадикција со неговата агресивна надворешна политика. Во 1965 година предизвика воена ескалација со тоа што советничката мисија ја прерасна во воен ангажман. Во кулминацијата на војната САД во Виетнам имаа 500 000 војници.

„Многу нешта укажуваат на тоа, дека Линдон Џонсон имал внатрешна дилема во врска со Виетнам“, вели историчарот и публицист Едвард Џ. Милер. „Од една страна сметал дека САД би морале да го поддржат Јужен Виетнам - САД беа веќе 15 години ангажирани во Виетнам. Но, од друга страна е јасно дека Џонсон бил многу загрижен поради војната во Виетнам.

Некои историчари сметат дека Џонсон бил „волк во овчја кожа“, воин на Студената војна, кој верувал во теоријата на домино: ако Јужен Виетнам падне под налет на Северот, комунизмот би се ширел како шумски пожар. Други, пак, веруваат дека Џонсон се решил за војна од внатрешно-политички причини. Како либерален политичар, тој стравувал од напади од десничарите дека е премногу мек во поглед на комунизмот. Денес многумина историчари сметаат дека најважен фактор при решавањето за испраќање борбени трупи во Виетнам е личноста на самиот Џонсон - тој бил несигурен човек, кој нанадвор морал да остава впечаток на непопустлив.

Ејџент оринџ

САД ја запрашија густата виетнамска џунгла со 80 милиони литри „ејџент оринџ“, за да ја остават без лисја и со тоа да ги уништат и скривалиштата на комунистичките востаници. Ејџент оринџ ја содржи многу отровната материја диоксин. Со години американската влада не ја признаваше поврзаноста на контактот со диоксин и здравствените проблеми на ветераните од виетнамската војна, како Клиф Рајли. „Диоксинот направи болни многумина од нас. Оние, кои беа во контакт со него, беа повеќе изложени на опасност да добијатрак на простата, на бели дробови или пак паркинсонова болест“, вели денес 69-годишниот Рајли.

Веќе на 40-годишна возраст тој имаше преживеано два инфаркта, имаше и проблеми со бубрезите, мочниот меур и жолчката. Му беше дијагностициран рак на цревата, денес има шеќерна болест. Жена му имаше спонтан абортус. Син му страда од легастенија (проблеми во читањето и пишувањето) и деформација на колковите. Дури со еден закон во 1991 година владата ја призна меѓузависноста и ги обесштети виетнамските ветерани за болестите предизвикани од контактот со диоксин.

А Виетнамците мораа да живеат со диоксин во подземните води, кај нив имаше многу повеќе случаи на рак и на спонтани абортуси. Последиците од диоксинот во едно семејство можат да се пренесуваат и до седум генерации.

Vietnamkrieg
Хеликоптерски напад на американската армијаФотографија: Getty Images/P. Christain

Виетнамски синдром

Ужасите на војната и на војничкиот пораз беа толку трауматични, што некои Американци сметаа дека нивната земја страда од „Виетнамски синдром“.

Но, не секој во виетнамската трагедија гледа предупредувачки индиции за границите на американската воена моќ. По терористичките напади од 11. септември 2001. САД со Џорџ В. Буш како претседател, вмаршираа во Авганистан и Ирак и таму следеа амбициозна политика на „формирање нација“ - во обата случаја безуспешно. Во меѓувреме Авганистан, а не Виетнам, е најдолгата војна во американската историја.

„Виетнам останува ориентационен пункт за дебатите во САД“, вели историчарот Едвард Џ. Милер: „Се’ едно дали дискусијата е околу тоа, што треба САД да прават во Ирак или Авганистан, или како треба да се однесуваат со ’Исламската држава‘, секогаш Виетнам е првиот пункт за ориентација“.