1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Хаијан“: Пустош како по цунами

Удо Шмит/ Александра Трајковска9 ноември 2013

Уништување, смрт и страв: Супер тајфунот „Хаијан“ беснееше на Филипините, бројот на мртви се качува од час во час, а размерите на катастрофата сѐ уште не се согледливи. Во меѓувреме тајфунот се движи кон Виетнам.

https://p.dw.com/p/1AEhV
Фотографија: Getty Images/Afp

Виетнам интензивно се подготвува за супер тајфунот „Хаијан“. Повеќе од сто илјади луѓе се евакуирани, пред сѐ во провинцијата Дананг.

Телевизијата во Виетнам покажува, како се полнат вреќи со песок и се поставуваат пред куќите како заштита или се редат на покривите, за тие да не одлетаат, кога „Хаијан“, според очекувањата в недела наутро (10.11) ќе го зафати брегот на Виетнам. Метеоролозите стравуваат дека тајфунот, кој над Филипините загуби дел од силата, на патот кон Виетнам преку Јужното Кинеско Море, буквално повторно се наполнил.

На Филипините „Хаијан“ остави пустош зад себе. Најлошите информации пристигнуваат од градот Таклобан на источниот брег на Филипините, каде тајфун „Хаијан“ во петокот удри на копно, по што следуваа огромни бранови. До 80 проценти од градот биле уништени, информираат помагачите, најмалку сто лица таму го загубија животот, вели еден соработник на ОН, кој ситуацијата во Таклобан ја спореди со цунамито во 2004 година - но за разлика од тогаш сега голем број луѓе беа евакуирани од Таклобан и се наоѓаа на безбедно место.

Taifun Philippinen Haiyan
Пустош на ФилипинитеФотографија: Reuters/Erik De Castro

Спасувачките екипи сѐ уште не се стигнати до многу тешко достапни региони, телефонските врски се во прекин исто и снабдувањето со струја - со сигурност бројот на жртвите ќе расте, кога спасувачките екипи ќе имаат увид во целите размери од катастрофата. Црвениот крст на Филипините смета дека е можно повеќе стотици луѓе да го загубиле животот во природната катастрофа, се шпекулира и со бројка над илјада жртви. Во крајбрежните места сега колку што е можно се расчистуваат последиците: „Јас видов како доаѓаат огромни бранови и на моите соседи им довикнав дека веднаш мораат да бегаат. Мислевме дека тоа е цунами“, раскажува еден човек, чија куќа е уништена. До шест метри високи бранови се срушија врз малите дрвени куќички, од кои речиси ништо не остана. Лилин Голфан е потресена: „Никогаш не сум мислела дека една бура може да биде толку силна, за да ја уништи мојата куќа. Јас воопшто не знам што да правам сега“.

Ќе бидат потребни денови, додека инфраструктурата на Филипините до некаде биде повторно обновена, тогаш ќе биде јасно колку жртви однесе ова невреме и дали оваа земја, која годишно ја погодуваат многу тајфуни, ќе има потреба од помош од надвор.