1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Видливи - невидливи: Се бара нов пат до државјанство

20 јануари 2021

Во кумановско Сопот 50% од жителите немаат државјанство. Нема ни мајката на нашата пратеничка, Сафије Садики Шаини, а уникатен е и случајот со тетките на Африм Гаши, велат од Алтернатива.

https://p.dw.com/p/3o9ak
Instagram dw_stories Reportage aus Mazedonien
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf

Не е поврзано со пописот, туку со правото на државјанство, и со еден од најбитните делови на нашата изборна програма - подобрување на законот за државјанство. Вака од Алтернатива ја објаснуваат кампањата што вчера ја најавија со коалицискиот партнер Алијанса за Албанците, за промовирање на националната платформа „shtetesia.mk" (државјанство). Преку оваа платформа сите граѓани, без разлика на етничката припадност, ќе имаат можност да го претстават нивниот проблем за добивање државјанство. Претходно, двете коалициски партии до Собранието поднесоа предлог-закон за државјанство, кој, според нив, треба да ги подобри процедурите поврзани со тоа прашање, односно да го подобри актуелното законско решние.

„Целта на оваа платформа е да соберат информации од граѓани кои се соочуваат со проблем за добивање државјанство од независноста на Македонија до денес. Бараме одговори на прашањата - дали аплицирале, дали се одбиени, и зошто се одбиени? Ние ќе им понудиме правна помош, а сознанијата ќе ги употребиме политички за да се подобри законот за државјанство“, објаснуваат од Алтернатива.

Потенцираат дека ова е хроничен проблем, кој ги спречува луѓето да ги реализираат нивните човекови права.

Повеќе:

МВР не даде зелено светло за државјанствата со тројца сведоци  

 Со тројца сведоци до македонско државјанство?

Попис од 1 до 21 април - иселените над една година не се резиденти

Мислењето на УБК

Од контактите што партијата ги имала на терен, многу од луѓето без државјанство тврделе дека се родени и школувани во земјата, но не успеале да добијат државјанство.

„Во старото законско решение крајното мислење го давала УБК, со дискрециско право да не дава образложение за издаденото негативно мислење. Најголемиот дел, околу 90 отсто од случаите, се одбиени со негативно мислење дека 'барателот е ризичен за безбедноста на државата’. Ако некој е ризичен, треба да се даде образложение“, потенцираат од партијата.

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Африм Гаши има две тетки близначки, од кои едната добила државјанство, а другата – не, велат од АлтернативаФотографија: Katerina Blazevska

Велат дека немаат претстава колкав е бројот на лица без државјанство, а со такви случаи се запознаваат кога одат на терен.

„На пример, во кумановско Сопот, речиси 50% од жителите немаат државјанство, и тоа е првиот проблем што ни го посочуваат кога одиме таму. Примери има многу. Мајката на нашата пратеничка, Сафије Садики Шаини, нема државјанство. Сите во семејството имаат државјанство, само таа нема. Уникатен е и случајот со тетките на претседателот на Алтернатива, Африм Гаши. Тој и на прес-конференција го има посочено случајот со неговите две тетки близначки, омажени во Кичево. Едната добила државјанство, а другата – не, бидејќи била прогласена за ‘ризична'. Таа сега живее во Швајцаријa, каде што никој не ја смета за разична, и доаѓа во Кичево, плаќа данок, ама нема државјанство", велат од партијата. 

Проблемот трае од осамостојувањето на Македонија во 1991 година, а го надополниле војните во соседството, бегалските кризи и флуктуацијата што тие ја предизвикале.

Според Алтернатива, оние кои аплицирале за државјанство во првите шест месеци - добиле, а останатите ни до денес не успеваат во тоа, што ги спречува да имаат пристап до основните граѓански, политички, економски, културни и социјални права. Од Алтернатива потенцираат дека нивната коалиција ќе го поддржи предлог-законот за попис, и дека оваа иницијатива нема врска со пописот, туку временски се совпаѓа со дебатата за пролетната статистичката операција. Но, сметаат дека државата не треба да го попречува правото на граѓаните да имаат документ за државјанство, заради некаков страв дека со тоа би пораснал процентот на некоја етничка заедница.

Mazedonien Flash-Galerie Reisepass
Проблемот трае од осамостојувањето на Македонија во 1991 година (архива: стари македонски пасоши)Фотографија: DW

МВР ќе анализира

Колку лица во земјата се невидливи за државата, не знае ни МВР. Оттаму велат дека е формирана работна група која треба да подготви анализа за бројот на лица кои се без државјанство, да ги анализира причините за тоа и да се утврди начинот како да се дојде до решение.

Агенцијата за бегалци на ОН проценува дека во светот има над 10 милиони лица без државјанство, од кои околу 600.000 живеат во Европа, заглавени на маргините на општеството без почитување на нивните основни човекови права.

Башким Бакиу, раководител на Аналитичкиот центар на Алијансата за Албанците, најави сеопфатен процес за собирање податоци за лица без државјанство.

„И покрај фактот дека Северна Македонија е потписник на важни конвенции преку системот на човекови права на Советот на Европа, како и на Универзалната декларација за човекови права на ОН, кои предвидуваат дека секој има право на државјанство или соодветно дека на ниту едно лице не треба да му биде одземено правото на државјанство, денес на територијата на земјата има лица кои се законски невидливи. Ние ќе преземеме сеопфатен процес за собирање основни податоци од лица без државјанство во Северна Македонија, за да можеме потоа да извршиме политички притисок за решавање на овој проблем“, најави Бакиу. 

Mazedonien Proteste in Skopje
РСМ нема посебна процедура за утврдување на статусот на лицата без државјанствоФотографија: Reuters

Застарени податоци

Во студија изработена по сопствена иницијатива на Парламентарниот институт при македонското Собрание („Статусот на лицата без државјанство во Република Северна Македонија и во соседните држави“, мај 2019 г.), се вели дека „РСМ нема посебна процедура за утврдување на статусот на лицата без државјанство“.

„Правната рамка на Република Северна Македонија обезбедува некои основни заштитни мерки против произволното притворање и некои заштитни мерки за спречување и намалување на бездржавјанството. Меѓутоа, иако е држава-членка на Конвенцијата од 1954 година, не постои механизам со кој може да се идентификува или да се утврди статусот на државјанство, или постапка за заштита. Единствените правци за уредување на лица без државјанство се тоа дека истите треба да аплицираат за привремен престој како ‘странец' по дискреционо право на Владата, или да аплицираат за азил и да си обезбедат само многу ограничени права. Република Северна Македонија е потписничка на Конвенцијата за лица без државјанство од 1954, но сѐ уште не е потписничка на Конвенцијата за намалување на стапката на лицата без државјанство од 1961 година“, се вели во студијата.

Во неа статистичките податоци за лица без државјанство се оценети како застарени.

„На последниот попис, кој беше спроведен во 2002 година и резултатите беа објавен во 2005 година, беше опфатена и категоријата 'лица без државјанство', сепак овие податоци сега се застарени. Во тоа време, во оваа категорија биле запишани 17.652 лица. Податоците од пописот се поделени по етничка припадност, но не ги вклучуваат оние чии раѓања не се регистрирани. Меѓу другото, податоците на УНХЦР за „лицата изложени на ризик од бездржавјанство“ покажуваат дека во ноември 2017 година, се регистрирани 573 лица без државјанство. Една година подоцна, Владата во април 2018 најави кампања за идентификување и евидентирање на лица кои немаат извод од матичната книга на родените или друга документација, што резултираше со пријавување 650 лица за регистрација“, се вели во студијата на Парламентарниот институт.