1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недовршениот аеродром - срамот на Берлин

Хенрик Беме
31 јули 2019

На идниот аеродром во Берлин се славеше за нов терминал. Како молам? А, техничката служба започна со контрола на сите делови. Хенрик Беме е скептичен.

https://p.dw.com/p/3N4fZ
Berlin | Unfertiger Flughafen BER
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Секако дека новиот аеродром ќе го смени името. Од Вили Брант во еден - според сопствените сфаќања - уште попознат социјалдемократ, Клаус Воверајт. Тој беше градоначалник на Берлин и се прослави со три реченици: „Геј сум и добро е што е така.” Втората: „Берлин е сиромашен, но секси”. Третата: „Ќе го доградам аеродромот.” За првата заслужува почит. За втората насмевка. За третата треба да се камшикува. Оти да не се мешаше тој, туку да оставеше да работат професионалци, аеродромот веќе ќе беше во употреба, а и трошоците ќе се движеа во поднослива рамка и  имиџот на Берлин  немаше да биде толку нарушен.

Ескалатори и места за пушачи

Ако нешто претставува  аеродромот на кој досега нема слетано авион,  тоа е срам за политичкиот неуспех, за заташкувања, за жртвени јарци и за расипништво. Пред сѐ мора да биде пример за тоа што еден политичар никогаш повеќе не смее да направи. Еден лик како Воверајт, Берлин, па и Германија, ги направи предмет на потсмев. За Воверајт се шегува Берлин, но за аеродромот цел свет. Првите пресметки се од минатиот милениум, од 1995 година. Отворањето беше планирано да се случи пред 2831 ден, на 30.10.2011 година. Следуваше едно од досега шест одложувања. За вториот термин, 24.05.2012 беа поканети 40 илјади гости и има луѓе што имаа и билети за летовите на 03.06.2012, кога требаше да слетаат првите авиони. Настанот беше откажан три недели порано. За да се испечати списокот со недостатоци на хартија би требало да се исече една германска средно-голема шума. Истата количина е потребна и за сите други документи како што се проценки, консултантски договори и останата документација.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Кои беа и сѐ уште се недостатоците – покрај нефункционалноста на системот за контрола на чад наречен „чудовиштето“ со што всушност сѐ започна – ескалаторите се покуси од стандардните. Во зависност од ветрот, понекогаш водата од олуците на фасадите се влеваше во отворите за вентилација. Беа вградени погрешни, неогноотпорни делови. Исто така не пасуваат цевките за подземно полнење. И многу скалила беа нестандардно направени - некои и за неколку метри покуси, нема автоматска поврзаност со противпожарната служба и врв на сѐ: околу 1000 дрва се погрешно посадени.

Сепак Вили Брант?

Некому може ова да му е смешно, но во суштина е трагично. Можеби некои политичари водени од својата мегаломанија на тоа гледаат поинаку, но на крајот се работи за парите на даночни обврзници за кои еден ден мора да се порамни сметката – а таа ќе биде огромна. Од 1,7 милијарди евра трошоците во меѓувреме пораснаа на 7,3 милијарди. Тоа е актуелната состојба, а аеродромот сѐ уште не е отворен. Добро е да се започне со нов терминал. Ќе беше забавно, да се види дали е навистина функционален во споредба со останатиот дел од аеродромот. Според најавите, аеродромот треба да биде отворен за една година, но најдобро е веднаш да биде ставен под заштита како споменик – поради големиот дел на веќе застарена техника која е вградена таму. Впрочем од минатата година до сега се заменети 750 монитори. Старите биле шест години стари и веќе неупотребливи. Само ова чини половина милион евра. Но, кому му е гајле за тоа? Патем треба да се препрашаат и наследниците на Вили Брант дали сакаат по сѐ ова аеродромот да го носи неговото име. Стариот угледен социјалист навистина не заслужува ваков третман.


 

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58