1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле и‘ вети поддршка на Грција

16 јануари 2012

Шефот на германската дипломатија побара забрзување на реформите од Атина, и формирање на европска рејтинг агенција. Грција и Европа припаѓаат една на друга, порача Гидо Вестервеле.

https://p.dw.com/p/13k9S
Министерот за надворешни работи на Германија Вестервеле и неговиот грчки колега ДимасФотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави од Атина дека е време Европа да создаде независна агенција за проценка на кредитните рејтинзи и да ги смири берзите кои се потресени поради постојаните шпекулации. Вестервеле оцени дека е важно да им се пружи шанса на договорите во ЕУ да профункционираат и дека тоа е единствен реалистичен начин за да се врати довербата на пазарите.

Тој изрази задоволство што на состаноците со грчкиот премиер Лукас Пападимос и лидерот на десниот центар Андонис Самарас била постигната согласност за неопходноста од продолжување на реформите во Грција.

„Проблемите ќе ги решиме заеднички. Грција и Европа си припаѓаат една на друга“, порача Вестервеле.

„Заложбата на Германија да ја поддржи Грција и да работи заедно со нас додека не излеземе од кризата е многу значајна“, одговори премиерот Пападимос.

Вестервеле побарал од грчкиот државен врв да го забрза исполнувањето на фискалните услови поставени од ЕУ и ММФ, но изрази подготвеност и за дополнителна помош од неговата земја.

Автор: БГ/ АТ/ миа

Редактор: Ж. Ацеска