1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вердер го симна Шалке од врвот на Бундеслигата

4 декември 2006

Половичните резултати на конкурентите придонесоа Вердер да скокне на првото место. Според играта што ја прикажува – сосем заслужено.

https://p.dw.com/p/AehB

Во дербито на 15-тото коло од фудбалското првенство на Германија гала-претстава на Вердер. Победата над Херта од Берлин со 3 спрема 1 ја донесе екипата од Бремен на чело на прволигашката табела и претставува големо охрабрување спроти решавачкиот натпревар од групата во европската Лига на шампионите: Вердер мора да остане непоразен во Барселона за да се пласира за вториот круг. Репрезентативецот Тим Боровски оцени дека првото полувреме против Херта е најдоброто одиграно во есенскиот дел, додека тренерот Томас Шааф нагласи дека му претставувало големо задоволство да ја следи играта на својот тим.

Мирослав Клозе, годинава најдобриот германски фудбалер и седмопласиран меѓу најдобрите во Европа според традиционалната анкета на францускиот весник „Франс фудбал“, и овој пат беше брилијантен, постигна два гола и со вкупно 10 го презеде водството на листата на стрелците во ова првенство. И претходниот викенд во Билефелд Клозе исто така беше двоен стрелец.

Шалке, по серија од 4 победи, во Нирнберг одигра нерешено 0 спрема 0, го загуби првото место и е зад Вердер, иако обете екипи имаат по 30 бодови, но Вердер е со далеку најдобра гол-разлика во лигата: 39 постигнати и 19 примени голови. „Нирнберг е навистина жилав тим, многу добро организиран во дефанзивата и секогаш опасен во нападот. Поради тоа мислам дека ние со еден бод не треба сосем несреќни да се враќаме дома“ – оцени Мирко Сломка, тренер на Шалке.

Нирнберг по десетти пат одигра нерешено во ова првенство. „Се разбира, и ние сакавме да одиграме голем натпревар и да забележиме големи поени против Шалке, но тие не се тим на слепци. Тие не се неправедно горе на табелата, играат многу компактно, многу добро и оттука за нас апсолутно е прифатлив и нерешениот резултат“ – вели голманот на Нирнберг Рафаел Шефер.

Тоа тешко би можело да се рече за екипата на Штутгарт и нејзиното реми без голови на гостувањето кај последнопласираниот Мајнц. Навистина, гостите се жалат поради недосуден пенал, додека домаќинот пак го извлелкува позитивното: „Севкупната ситуација не е безнадежна – тоа сега можеше секој да го види“ – рече тренерот Јирген Клоп.

Штутгарт на третото место има 2 бода помалку од водечкиот тандем и еден повеќе од шампионот Баерн на четвртата позиција, кој дома направи кикс со ремито 1 спрема 1 против Борусија Менхенгладбах. Иако гостите со тоа паднаа на табелата, бодот освоен во Минхен повеќе би требало да им претставува охрабрување. Херта е на петото место со 24 бодови.

На два бода зад неа е Борусија од Дортмунд по победата над Волфсбург со 1 спрема 0 издејствувана во последната минута. Раководството на клубот објави дека на крајот од првенството ќе се раздели од холандскиот тренер Берт ван Марвајк. Според медиумски информации, кандидат за негова замена е тренерот на Арминија Томас фон Хезен, иако тој ова го демантира. Арминија, инаку, дома одигра 0 спрема 0 со Баер Леверкузен и е на седмо место со 21 бод.

Фридхелм Функе, тренер на Ајнтрахт од Франкфурт, по втор пат во рок од неколку денови се воодушеви од својот тим: против Њукасл во Купот на УЕФА стори се’, но не успеа со гол да ја круниса одличната игра, а вчера во Ахен три пати ја затресе мрежата на домаќинот и победи со 3 спрема 2. „Огромен комплимент за мојата екипа - по фантастичната игра во четвртокот и овде прифати борба во сите 90 минути. Ова е навистина извонредно. Не можам доволно често да повторам колку сум лудо горд на овој тим и ние во сезонава ќе имаме уште постигнувања“ – рече Функел.

Централна личност на натпреварот беше Јапонецот Такахара, кој ги постигна сите три голови. Тоа е воопшто прв трилинг во првенството. Ајнтрахт со 20 и Нирнберг, Баер Леверкузен, Волфсбург и Хановер со по 19 бодови ја сочинуваат средината на прволигашката табела.

За другите ситуацијата станува се’ потешка: Енерги од Котбус веќе шест кола не знае за победа, во тој период освои само два бода, сега го доживеа и третиот последовен пораз и тоа дома од Хановер со 1 спрема 0, и е на 13-то место со 16 бодови. Алеманија и Бохум имаат по 15, Борусија Менхенгладбах 14, Хамбургер 11 и Мајнц 10.

„Знам дека ситуацијата е тешка, но мислам дека никој во Ахен и не веруваше дека ќе биде поинаку. Ние се’ уште сме над местата што водат во Втора лига и таму сакаме да останеме и во зимската пауза“ – вели тренерот на Алеманија Михаел Фронцек.

Дербито на дното против Хамбургер, Бохум го реши во своја полза со 2 спрема 1. Излез од кризата на гостите не е на повидок, а во наредните средби Хамбургер ќе игра и без клучниот во тимот, капитенот Рафаел ван дер Ваарт, кој беше исклучен по еден груб старт одзади врз противнички играч.

Само 16 голови – негативен рекорд во ова првенство

Со само 16 голови на 9-те средби 15-тото коло е досега „најпосното“ во првенството. Вкупно се постигнати 364 голови, или во просек 2,7 по натпревар.

И посетата од 34901 гледач по натпревар во 15-тото коло е за околу 4 илјади под просекот на целото првенство. Во Котбус на стадионот имаше само 11 345 навивачи, што е најслаба прволигашка посета за последните речиси 4 години.

За судијата Маркус Мерк средбата во Минхен беше јубилејна – 300-та во Бундеслигата. Ист јубилеј, но како играч, прослави и Пабло Тиам од Волфсбург, порано член и на Келн, Штутгарт и Баерн Минхен.

Скијање: трето место за Нојројтер

Скијачката сезона за алпинците е веќе во тек, борбата за бодови во Светскиот куп истовремено е и борба за учество на светското првенство во февруари во шведскиот центар Оре. 22-годишниот Феликс Нојројтер веќе си го обезбеди настапот по третото место во слаломот Бивер Крик во САД – тоа е негов досега најдобар резултат во кариерата. Се’ уште не можам да верувам, оти во второто возење направив толку многу грешки“ – рече Нојројтер, инаку син на славни родители: Рози Митермаер и Кристијан Нојројтер, своевремено асови во алпското скијање.

Инаку, победник на трката е Швеѓанецот Андре Мирер, втор беше Канаѓанецот Мајкл Џеник. Жените возеа супер-велеслалом во Лејк Луис во Канада. Најуспешни беа Австријката Ренате Гечл, Американката Линдзи Килдоу и Канаѓанката Кели Вандербек.

Русија по втор пат го освои Девис-купот

Русија е победник на тенискиот Девис-куп, откако во финалето ја совлада Аргентина со 3 спрема 2. Во решавачкиот дуел Сафин го совлада Аказузо со 3 спрема 1 во сетови.

Шах: Дип Фриц пред победа против Крамник

Светскиот првак во шах, Русинот Владимир Крамник, веќе нема шанси за победа против компјутерот Дип Фриц. Петтата партија, во која Крамник имаше бели фигури, заврши реми и компјутерот води во мечот со 3 спрема 2. Во последната средба Крамник би морал да победи со црни фигури за да се спаси од пораз. Клучна беше втората партија во која светскиот првак превиде мат и доживеа пораз.

Матијас Фајст програмер на Дип Фриц, за сегашните способности на компјутерот вели: „Мислам дека уште некое време вака и ќе остане. Подобрувањата извршени кај него се компензирани со тоа што луѓето учат и подобро разбираат како мора да се игра против шаховска програма“.

Зоран Јордановски