1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вердер Бремен го освои Германскиот фудбалски куп

1 јуни 2009

Фудбалско славје во Бремен и Нирнберг - десетици илјади фудбалски навивачи ги поздравија со одушевување фудбалерите на Вердер Бремен поради победата во фудбалскиот куп и на Нирнберг поради враќањето во првата лига.

https://p.dw.com/p/I1SW
Фотографија: AP Graphics/DW

Фудбалскиот магионичар Диего се збогуваше од фудбалските фанови со бакнежи со рака, капитенот Франк Бауман го креваше златниот трофеј со задоволна насмевка - Вердер Бремен, сепак, ја спаси сезоната и благодарение на шестиот триумф во фудбалскиот куп се квалификуваше за новата Европска лига. Десеттиот на табелата во Бундеслигата, неделаипол по поразот во Купот на УЕФА, во саботата вечерта (30.05.2009), на преполниот берлински Олимписки стадион го победи Баер Леверкузен со 1:0. Месут Езил го постигна решавачкиот гол во 58 минута. „Како екипа покажавме дека сме многу јаки. Сега едноставно ќе славиме“, изјави Езил по натпреварот. Но, вистинското славје почна дури откако Уве Зелер им го предаде на играчите пехарот.

Fußball Bundesliga Relegation 1.FC Nürnberg - Energie Cottbus
Нирнберг се врати експресно меѓу најдобритеФотографија: picture-alliance/ dpa

Тренерот на Вердер, Томас Шааф задоволно и некако со олеснување оцени: „Претходно рековме дека денеска ќе победи оној што има поголема волја, кој ќе се обиде до крајот да направи се‘. Видовме извонредна игра, имаше многу моменти, работите се движеа нагоре и надолу. Двете екипи играа извонредно, но мислам дека се виде дека ние сакаме да го освоиме купот.“

Тренерот на поразените, Бруно Лабадиа сега стои пред црвен картон во екипата. На интерна анализа на натпреварот утре (02.06.2009) ќе биде донесено решение за иднината на тренерот. Но, тоа Лабадиа, по горчливиот пораз од само 1:0 не го интересираше. Тој мислеше само на екипата: „Екипата веруваше во победа. Игравме извонредно во купот досега, на начин на кој мораше да се настапи. И, не требаше многу да бидеме и победници.“

Нирнберг е повторно прва класа

И додека Баер Леверкузен тагува по пропуштената шанса, Нирнберг заедно со навивачите, бучно го прослави влезот во Бундеслигата. По убедливата победа над Енерги Котбус, Нирнберг е повторно „прва класа“! Тренерот Михаел Енинг, веднаш по натпреварот беше полеан со пиво.

DFB-Pokal-Finale 2009 Sieger Werder Bremen
Тимот на Вердер Бремен е десетти на табелата на Бундеслигата, но сепак, влегува во Европската лига како победник во КупотФотографија: AP

„Гледате што се случува, оваа неверојатна радост. Мислам дека е тоа радост поради тоа што е постигнато нешто што не беше очекувано. Тоа е спонтана радост и најискрена радост“, изјави Енинг.

Тој успеа со својот млад тим, уште во премиерната сезона како тренер, да постигне грандиозен успех - директен влез во првата лига, откако минатата сезона Нирнберг изненадувачки испадна во втората лига. Сега фановите се радуваат на големата понеделничка забава, со 10.000 литри бесплатно пиво.

Автор: ЕМФ/дв/дпа/ап

Редактор: Александра Трајковска