1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венецуеланската криза доаѓа во Бразил

Марина Естарке
24 декември 2016

Прво Хаити, а сега и Венецуела: Бразил во Латинска Америка важи како главно прибежиште за луѓето од околните земји, иако и самиот се наоѓа во криза. Преку 77 илјади Венецуеланци од 2015 година избегаа од земјата.

https://p.dw.com/p/2UWdV
Grenze Venezuela Kolumbien Francisco de Paula Santander Brücke
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Castellanos

Два дена Естефани Бенавидес не јадела ништо, и потоа колабирала. 18-годишната студентка од Венецуела е пронајдена онесвестена покрај една кофа. Кофа во која перела облека. Нејзината мајка Јусмарис за тоа дознала во Бразил. „Морав да дојдам по неа“, вели 32-годишната Јусмарис која веќе 4 месеци живеела во бразилскиот град Боа Виста и покажува на својата ќерка која на еден семафор мие прозори на автомибили кои застануваат тука. Јусмарис и Естефани, според наводите на бразилското министерство за правосудство, се само две од околу 77.000 Венецуеланци кои во периодот помеѓу јануари 2015. и септември 2016. година дошле во Бразил. Побегнале од екстремната економска криза во Венецуела поради која дојде до сиромаштија во земјата. Им недостасува сѐ- храна, лекови и производи за хигиена. Инфлацијата оваа година се приближува до границата од 1.000 насто.

„Сите сакаат да заминат“

Кога Јусмарис ја одвела својата ќерка Естефанис во Бразил, за малку фалело целото семејство да појде со нив: „Сите сакаат да заминат од Венецуела. Во меѓувреме јадат само еднаш дневно. Со себе понесов ориз и тие речиси почнаа да плачат бидејќи одамна не јаделе ориз.“

Прво Хаити, сега и Венецуела: Бразил, и покрај сопствената економска криза, е цел за многу бегалци од латиноамериканските соседни земји. Според наводите на Националниот совет за бегалци Конаре (Comitê Nacional para os refugiados), во периодот помеѓу 2010. и 2015. година во Бразил околу 83.000 бегалци поднеле барање за азил, повеќе од половината се од Хаити (околу 48.000). 

Brasilien 'Especial Venezuela – special report'
Фотографија: DW/K. Andrade

Со оглед на големиот број баратели на азил, Бразил ја промени својата официјална политика. Од крајот на 2015. година жителите на Хаити не важат за бегалци. Во својата татковина можат да побараат виза поради хуманитарни причини и потоа легално да дојдат во Бразил како мигранти. Тоа доведе до значително опаѓање на пристигнувања од Хаити, а по копнен пат речиси и не доаѓаат.

Причина за бегство: сиромаштијата

Ни барателите на азил од соседна Венецуела официјално не се бегалци. Во периодот помеѓу 1993. и 2016. година само 11 Венецуалци добија политички азил во Бразил. Сепак, според проценките, во сојузната држава Рораима живеат околку 30.000 Венецуалци, поголемиот број од нив во пограничниот град Пачараима или во главниот град на оваа покраина, Боа Виста. Во Боа Виста Јусмарис и Естефани живеат заедно со шестмина други земјаци во една соба за која плаќаат 98 евра месечно. Деновите ги поминуваат, како и многу други, на уличните крстосници на Боа Виста: кога автомобилте ќе застанат на семафор на црвено, продаваат домашен леб, јагоди или вода. Или пак се нудат да ги измијат прозорите на автомобилот. „Подобро да сум тука, отколку таму без храна. Луѓето во автомобилите, додуша, ме исмејуваат, ми фрлаат вода во лице или ми сигнализираат дека сакаат да ме прегазат, но јас сум горда на тоа што на своето семејство секој месец можам да му пратам прехранбени производи“, раскажува Јусмарис која своите две помлади деца, 14 и 16 години, ги оставила кај роднини во својот роден град Матурин во Венецуела.

Brasilien 'Especial Venezuela – special report'
Фотографија: DW/K. Andrade

Азил во соседната земја

И покрај малите шанси за успех, и Јусмарис поднела барање за азил во Боа Виста, бидејќи за мигранитите тоа е најбрз и најефтин начин за регистрирање. Од 2012. година, кога е забележан само едно барање за азил од граѓанин на Венецуела, бројот на баратели на азил порасна на 1.805. Но тие луѓе чекаат и до 2 години додека не добијат решение дали ќе добијат азил или не.

Поради големата побарувачка канцеларијата за странци во Боа Виста е хронично оптоварена. Веќе рано наутро голем брј луѓе стојат во редица пред оваа канцеларија за да предадат барање за азил. Пред неколку месеци редицата била толку долга што термини би можеле да бидат доделени дури за 2018 година. Во меѓувреме дневно успеваат да се обработат 50 случаи, но 4.000 случаи сѐ уште чекаат на обработка. Многу Венецуеланци бараат азил и поради тоа што патот преку законот за миграција е бирократски покомпликуван. За да може да се добие регуларна дозвола за работа, подносителите на барање, на пример, мораат да докажат дека имаат работа, оти нивното семејство живее во Бразил или дека имаат бразилски сопружник.

Влез во земјата како туристи

„Да се побара азил е навистина поедноставениот пат. Додека дојде одлуката за барањето, ситуацијата во татковината веќе може ќе се подобри и е можно враќање. Или во меѓувреме да се пронајде бразилски брачен партнер или да се роди дете во врска со Бразилец или Бразилка и може да се остане“, вели Густаво де Фрота Симоеш, професор за меѓународни односи од Сојузниот универзитет во Рораима.  

Venezuela Protest  El Pinal
Фотографија: Reuters/C.Eduardo Ramirez

Бидејќи Венецуела е членка на јужноамериканскиот заеднички пазар Меркосур, на венецуeланските државјани не им е потребна виза да влезат во Бразил. Таму можат да престојуваат 90 дена како туристи, а на граница е потребно да се наведе причината за посетата. „Луѓето од Венецуела не се бегалци во вистински смисол на зборот, тие не бегаат поради политички, етнички или религиски репресии во својата татковина. Тие се економски мигранти“, вели Агуијар Рибеиро, шеф на полициската миграциска канцеларија во Рораима.

Претставниците од бегалските организации бараат од владата да реагира на кризата во Венецуела. Порачуваат дека, како и по  земјотресот во Хаити, Бразилија и за бегалците од Венецуела треба да се издаваат хуманитарни визи. Калуѓерката Телма Лаге, адвокат и координатор на мигрантскиот центар во бискупијата во Рораима, нагласува: „Овие луѓе доаѓаат тука затоа што бегаат од глад.“