1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вековен јубилеј на феријалните домови

26 август 2009

Германскиот учител Рихард Ширман пред 100 години дојде на идеја за создавање преноќeвалишта за ученици. Во меѓувреме, настанаа 5 илјади феријални домови во светот. Во нив се’ почесто цели семејства го минуваат одморот.

https://p.dw.com/p/H2Qi
Првиот феријален дом во светот во Алтена, ГерманијаФотографија: ullstein bild - Imagebroker.net

Младите сакаат да патуваат, да го откриваат светот. Некогаш тоа главно се сведувало на откривање на околината на родното место; со развојот на превозните средства се’ подалечни предели стануваа достапни за нив. Но, заедничко за старите, како и за новите времиња, е дека поголемиот дел од младите, од финансиски причини, не можат да си дозволат голем комодитет. Спасоносната идеја, која битно придонесе за мобилитетот на младите, се роди пред еден век во Германија.

Летото 1909 година учителот Рихард Ширман, по долго пешачење во природа со своите ученици, морал да мине бурна ноќ во најскудни услови, врз слама наместо постела. Учениците ги совладал заморот, а Ширман долго размислувал додека татнело невреме. Идејата што му се родила тогаш, ја објавил во „Келнише цајтунг“: учениците мораат да пешачат низ природа како противтежа за времето минато во школските клупи. Зошто да не бидат создадени соодветни сместувалишта за нив?

Резултат на идејата на Ширман - 10 милиони ноќевања годишно!

Идејата наишла на одобрување, била поткрепена со многубројни донации. По три години учителот Рихард Ширман го уредил првиот феријален дом во замокот Алтена кај Изерлон, во денешната германска сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија. До крајот на истата година веќе имало уште 140 други, пет години подоцна биле вкупно 500. На крајот од дваесеттите години на минатиот век идејата ја копирале Полска, Холандија, Франција, Англија и Швајцарија. Денес во светот има околу 5 илјади преноќувалишта за млади, кои бележат повеќе од 10 милиони ноќевања годишно.

Jugendherberge in Garmisch-Partenkirchen Bayern Deutschland
Феријален дом во Гармиш Партен Кирхен во ГерманијаФотографија: Deutsches Jugendherbergswerk, Detmold

Од 80-тите години на минатиот век кај преноќувалиштата за млади во Германија се забележува тренд на постојано намалување на нивниот број. Но истовремено се одвива и друг тренд – се менува профилот на гостите. Се’ почесто, наместо групи ученици, феријалните домови ги користат цели семејства за да го поминат годишниот одмор во атмосфера на кампинг, но со греење, во сигурни 4 ѕидови и во шаренолико друштво.