Вевчанскиот карневал – огледало на животот во 2016 година
13 јануари 2017Карневалот е спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава. Со архаичноста, таинственоста и уникатните маски тој се одвојува од останатите во светот.
Вевчани од утрово се претвори во своевиден театар без граници. Прво учесниците зад кулисите ги облекуваа и обликуваа маските, далеку од очите на јавноста, смислени и правени со недели пред тоа. Од тој миг секоја куќа и улица стана сцена, а маскираните ги изведуваа своите замислени сценарија како вистински актери.
Под ведрото небо, стотици вевчанци и љубопитни гости од Охрид, Струга, Македонија и од странство на дефилето кое траеше скоро два часа се воодушевуваа на маските кои и овојпат беа лика и прилика на состојбите во Македонија и светот. Низ призмата на сатирата и хуморот сѐ што беше важно на оригинален начин беше допрено од василичарите. Вевчаници речиси никому не останаа должни. Почнувајќи со традиционалните маски невестата, зетот и глупавиот Август. Од локалните теми, како кражбата на сефот од вевчанската Пошта, преку маските сврзани со парламентарните избори и препукувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, сѐ до Рамковниот договор, Шарената револуција и гатачката на поранешниот премиер Никола Груевски.
Василичарите по обичај од попладнево до утре напладне ќе ја посетат секоја вевчанска куќа, ќе наздрават за здравје и бериќет и потоа традиционално ќе ги запалат маските за од Вевчани да избегаат злите сили и духови.
Маските со помош на технологијата ќе го „прошетаат“ светот и ќе ја пренесат магијата на карневалот и посебниот дух на вевчанци. Локалната власт карневалот го гледа како промоција и шанса за развој на економијата, туризмот и културата.