1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вашингтон и Москва сепак продолжуваат да соработуваат

СН/АТ/ртр/дпа/афп10 август 2013

САД и Русија и покрај актуелните дипломатски тензии имаат намера да продолжат да соработуваат во определени области. Тоа е договорено на министерската средба од форматот „2+2“ во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/19NMS
Фотографија: Reuters

По средбата во Вашингтон, министрите за надворешни работи на САД и на Русија, Џон Кери и Сергеј Лавров (насловна фотографија) јасно укажаа дека имаат намера да се придржуваат кон планот за оддржување на мировна конференција за Сирија која би можела да се оддржи набргу. Кери и Лавров постигнаа согласност за ваква конференција на нивната средба во мај годинава. Во рамките на т.н „2+2“ разговори, средба оддржаа и министрите за одбрана на двете земји Чак Хејгл и Сергеј Шојгу. Тие најавија пак унапредување на воената соработка односно се договориле да продолжат воените вежби на двете армии, како и да се воведе директна врска со видео линк со која министрите би можеле да бидат во постојан контакт.

Неименуван извор во американската администрација изјави дека министерските разговори биле позитивни и прагматични. Односите меѓу САД и Русија во моментов се на најниско ниво во последниве години, бидејќи Москва му додели азил на поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден, иако Вашингтон бараше негово израчување.

Поради тоа американскиот претседател Барак Обама ја откажа планираната средба со рускиот колега Владимир Путин во септември.

Функционер од администрацијата на САД запознат со вчерашните разговори во Вашингтон, изјави дека државниот секретар Џон Кери изразил разочарување од одлуката на Русија да одобри азил за Едвард Сноуден, но за тоа не станало многу збор бидејќи двете страни сметаат дека тоа прашање треба да им се препушти на надлежните правосудни и полициски органи.