1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ватиликс“: Гласини дури и за атентат врз папата

Вулф Вилде / Елизабета Милошевска Фиданоска30 мај 2012

По апсењето на личниот батлер на папата Бенедикт 16. теоријата на заговор достигна врв. Скандалот „Ватиликс“ се шири со многу шпекулации и малку факти.

https://p.dw.com/p/154Vy
Фотографија: picture-alliance/tefano Spaziani

Станува збор за интриги, предавство и тајни документи и се‘ звучи како крими-роман. Постојат сомневања дека личниот батлер на папата Бенедикт 16., Паоло Габриеле, бил „крт“, предавник кој со месеци во јавноста проследувал тајни информации од Ватикан. Станува збор за корупција, проневера, лошо управување, како и за наводен план за убиство на папата. Со неговото апсење аферата „Ватиликс“, како што изјавија и соработници на Ватикан, го достигна својот врв. „Апсењето на Габриеле е драматичен врв на аферата, зашто освен него не постои друг кој му беше поблизок на папата во тој смисол“, вели главниот уредник на Католичката новинска агенција Лудвиг Ринг-Ајфел.

Знаел се‘ за папата

Паоло Габриеле работел како „личен слуга“ на папата Бенедикт 16. уште од 2006 година. Овој 46-годишен татко на три деца веројатно бил единствената личност која го гледала папата секојдневно во неговото „пиџама издание“, наведува италијанскиот весник „Либеро“. Тој му помагал за време на облекувањето, ги послужувал оброците и ја средувал неговата спална соба. И во јавноста беше често до папата, на пример како држи чадор ако врне дожд за време на јавните настапи на Бенедикт 16. Покрај личните секретари Георг Генсвајн и Алфред Ксуереб, како и четири чесни сестри, Габриеле припаѓаше на најтесниот круг на таканареченото „семејство на папата“. Овој факт, како и пред една недела излезената од печат книга „Суа Сантита“ (Неговата светост) на тв-новинарот Џанлуиџи Нуци, ја доведоа полицијата на трагата на Габриеле.

Gebäude Vatikanbank
Што се кризе зад бедемите на Ватикан?Фотографија: AP

Оваа книга, имено, содржи не само доверливи писма кои папата ги примал, но и сам ги пишувал, туку и различни други доверливи документи. Меѓу документите има и такви кои не биле наменети за архивата на Светата столица, па таму не се ни регистрирани, што значи дека некој директно ги нашол на работната маса на папата или на неговиот приватен секретар.

„Предавникот“ значи мора да бил еден од малкуте луѓе кои имаат пристап до станот на папата. Претресот на приватните простории на Габриеле ги потврдија сомневањата. Полицијата наводно запленила четири кутии со доверлви документи. Но со апсењето на Габриеле приказната ни оддалеку не е завршена. Напротив, се чини дека со тоа се отворени уште повеќе прашања на кои досега не стигнаа конкренти одговори.

Кој има полза од интригите?

Со оглед на тоа што Ватикан засега е шкрт на информации, во италијанските медиуми наголемо се вртат теории на заговор. Она во што тие се поклопуваат, односно во што мнозинството автори на текстови се согласува, е дека Габриеле не дејствувал сам. „Тој е едноставна личност која не би имала ни можности, ни волја се‘ сама да организира. Верувам дека зад него стои некој кој се наоѓа на висока позиција“, уверен е на пример стручњакот за Ватикан од весникот „Стампа“, Марко Тосати.

Дневниот весник „Кориере дела Сера“ дури наведува дека под сомневање се наоѓа еден од кардиналите, но тоа многу бргу го демантираше портпаролот на Ватикан, Федерико Ломбарди. Нагаѓањата и шпекулациите околу можната борба за моќ во црквата, во секој случај, и натаму се одвиваат со полна пареа.

Vatikan Kardinal Tarcisio Bertone
Број два во Ватикан: кардиналот Тарчисио БертонеФотографија: picture-alliance/dpa

Еден од анонимните извори кого го цитираат италијанските медиуми конкретно наведува дека станува збор за барање противтежа за премоќниот кардинал-секретар Тарчисио Бертоне. Бертоне наводно спречува откривање на она што го прават негови корумпирани следбеници. Поради тоа, тој наводно го преместил гувернерот на градот Ватикан и го испратил како претставник во Вашингтон. „Ова преместување беше почеток“, го цитира весникот „Ла Република“ својот анонимен извор, кој се опишува себеси исто така како „крт“.

И главниот уредник на Католичката новинска агенција Лудвиг Ринг-Ајфел верува дека „Ватиликс“ е насочен пред се‘ против Бертоне и неговиот стил на владеење и комуникација. „Поранешниот гувернер им ’стапна на нога’ на премногу луѓе и поради тоа беше премесетен во Вашингтон. Тоа за оваа група или мрежа веројатно беше иницијална каписла за дејствување“, вели Ринг-Ајфел. „Човек кој бара транспарентност и ефикасност беше такаречи казнет поради тоа што се обиде да воведе промени.“

Ludwig Ring-Eifel
Лудвиг Ринг-АјфелФотографија: DW

Сепак, експертот за Ватикан, не верува дека станува збор за борба за превласт. „Тоа би подразбирало дека постојат две различни групации кои се борат за моќ во Ватикан. Такво нешто, според мене, нема. Се работи за различни стилови на владеење и на информирање“, убеден е Ринг-Ајфел. „Мислам дека во сето ова се вмешани повеќе луѓе, луѓе кои сакаат поголема транспарентност во Ватикан. Тоа е можеби основниот мотив за луѓето кои проследувале информации во јавноста.“