1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вархеји: Западниот Балкан е приоритет за ЕУ

Бернд Ригерт
6 мај 2020

Пред самитот на ЕУ со шесте земји од Западен Балкан, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во врска со преговорите на Северна Македонија за ДВ вели дека се работи многу напорно на конкретна преговарачка рамка.

https://p.dw.com/p/3bqH4
Belgien l Europaparlament befragt Ersatzkandidaten für von der Leyens EU-Kommission - Oliver Varhelyi
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Дојче Веле: На самитот на ЕУ со државите од Западен Балкан нема да се разговара за проширувањето на Унијата како такво. За што ќе стане збор?

Оливер Вархеји: На самитот ќе стане збор за целиот регион на Западен Балкан. Знаете дека Балканот е многу разнолик регион. Има две држави со кои веќе преговараме за членство. Исто така има две држави за кои само што донесовме одлука дека може да почнат со преговори. И, има две други држави кои не се ни кандидати. Проширувањето, значи, е само еден елемент. Се разбира дека тоа ќе биде една тема. Се работи за европската перспектива, што е друг збор за членство. Но, се работи и за стратешки одлуки кои мора да ги донесеме за Западниот Балкан.

Како пандемијата на корона го промени вашиот стратешки пристап и вашата политика за Западниот Балкан?

Мислам дека пандемијата уште повеќе ја засили нашата обврска кон Западниот Балкан. Ако погледнете што правиме таму, тогаш ќе видите дека веднаш испративме практична помош во сите шест држави. Од првиот ден баравме контакт за да им помогнеме во кризата. Вториот централен елемент е, се разбира, неопходноста од стратешки инвестиции во регионот сега. Тоа важи како за политиката, така и за економијата. Економски можеме и мораме да сториме многу повеќе. Се надевам дека во оваа насока ќе добијам што е можно појасни пораки од шефовите на држави или влади.

Црна Гора и Србија се држави кои се најдалеку на патот кон членство во ЕУ, иако српскиот претседател Александар Вучиќ токму во последно време се жали дека ЕУ го оставила сам во време на пандемија. Тој вели дека не постои европска солидарност. Што велите на тоа? Приклонува ли тој сега повеќе кон Кина, или САД?

Па, тоа го слушам постојано. Но, ако се погледне што претседателот Вучиќ рече последните недели, тогаш ќе се види дека тој сега е благодарен за нашата европска солидарност. Мислам дека неговите јавни пораки во тој дел беа могу јасни. Она што го направивме имаше смисла и беше разумно. Се гледа вистинската помош на лице место. Сето тоа сега е зад нас. Помош е помош, доаѓала таа од нас или од некој друг. Ако можеме да помогнеме, тоа треба и да го направиме.

Албанија и Северна Македонија чекаат на отворање на преговори за членство. Франција претходно бараше преработување на процесот на приклучување и го доби тоа. Сега Бугарија се заканува со вето за преговорите со Северна Македонија. Дали ЕУ е навистина подготвена за сериозни преговори за членство?

Да, мислам дека е така. ЕУ е подготвена. Сите земји членки јасно се обврзаа во март, кога се согласивме да почнеме преговори со двете држави. Многу сум уверен дека тоа сега и ќе го направиме. Мислам дека овие работи се дел од европската преговарачка култура, да има назадување или напредување по ова или она прашање. Но, на крајот е важен резултатот. Ако го погледнете постигнувањата на сегашната Европска комисија, ќе видите дека на дневен ред повторно ја донесовме темата Западен Балкан и проширувањето. Шефовите ќе се занимаваат со тоа дури и среде корона-криза. Мислам дека е тоа многу јасно изјаснување од страна на ЕУ.

Имате ли на ум конкретен датум за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија? Кога почнувате?

Па, со корона-кризата на дневен ред е многу тешко сега да Ви наведам датум. Можам да Ве уверам дека ние, од наша страна, работиме многу, многу напорно за да го поднесеме нашиот годишен извештај за проширувањето. Во него ќе има и предлог за конкретна преговарачка рамка. Тоа е првиот чекор кон вистински преговори. Европската комисија не губи време. Правиме се’ за да го покренеме процесот нанапред најбрзо што е можно.

Косово и Босна и Херцеговина се се’ уште далеку од формални преговори за приклучување. Кога, на пример, Косово и Србија би го решиле конфликтот околу државноста и границите? Гледате ли некаква шанса?

Мислам дека ќе има можност по изборите во Србија (21 јуни 2020, н.з.). Се надевам дека тогаш многу бргу ќе можеме да почнеме да работиме на наоѓање решение. Видов многу позитивни сигнали во врска со коронавирусот. „Зелените ленти“, создадени во Унијата за слободен проток на стока и камиони преку границите, се создадени и во целиот Западен Балкан. Тоа е многу позитивен сигнал. Тоа е многу ветувачки кога се работи за надминување на последните проблеми помеѓу Косово и Србија.

САД посредуваа еден договор помеѓу Косово и Србија, кој сега се чини повторно пропадна во Косово. Дали САД се еден вид конкуренција за вас при решавањето на ова прашање?

Знаете, овде не се работи за натпревар. Овој проблем е многу поважен од прашањето - кој на крајот може да се кити со успех во посредувањето. Важно е да се најде решение. Ние сме стратешки партнер на САД во овој регион. Ние треба да работиме рака под рака. Што се однесува до мене, јас сум повеќе од подготвен да дадам придонес за тоа. И натаму ќе се вложувам колку што е можно повеќе.

Какви се перспективите на Босна и Херцеговина? Дали земјата заостанува се’ повеќе кога се работи за прашањето на проширувањето? Дали е „фенерџија“?

Не, не мислам дека е така. Откако конечно има влада, веќе се донесени сериозни одлуки. Пред неколку дена на владата и’ успеа да постигне согласност околу сите 14 задачи кои мора да се завршат пред Босна да стане кандидат за приклучување. Доставивме листа од 14 барања кои мора да се исполнат на патот кон членство. Сега имаме донесено конкретен план. Тоа ми дава надеж дека има напредок и дека многу бргу ќе почнам да разговарам со раководствто во Босна и Херцеговина. Треба да постигнеме напредок, можеби не до крајот на годината, но моја лична цел останува постигнување напредок.

Хрватска како претседавач со ЕУ мора да е многу разочарана што сега во Загреб нема самит, туку само видео-средба. Дали самитот би требало да се повтори, односно одржи со лично присуство, најбрзо што е можно?

Важно е што шефовите на држави или влади, наспроти се’, одлучија средбата да се одржи сега, иако е ова само видео-самит. Тоа е сигнал за сите, не само за регионот, дека ние сме навистина сериозни во врска со Западниот Балкан. Го гледаме како европски приоритет. Се разбира дека би било многу важно да се седне на една маса кога ќе разговараме за планот за економски инвестиции по кризата. Се надевам дека тоа ќе можеме да го сториме наскоро.

Оливер Вархеји (48) е европски комесар за проширување и соседска политика. Унгарскиот дипломат претходно беше постојан претставник на неговата земја во ЕУ во Брисел. Вархеји во 2004 година учествуваше во преговорите за приклучување на Унгарија во ЕУ.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија