1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

110811 Kinderoper

17 август 2011

Музичкиот театар за деца има долга историја. Првите форми на претстави наменети за деца се познати уште од 17 век. Во 1996 година настана првата детска опера. Дали овој жанр може да биде доволно атрактивен за најмладите?

https://p.dw.com/p/12IH8
Класична музика за децатаФотографија: picture alliance / dpa

На Вагнеровиот фестивал во Бајројт, Максимилијан фон Мајенбург режираше посебна, кратка верзија на операта „Прстенот на Нибелунзите“ на славниот композитор во која учествуваа деца. Најмладите оваа варијанта на „Прстенот на Нибелунзите“ во траење од само часиполовина премиерно ја изведоа на пробната бина на фестивалот во Бајројт. Публиката, и старата и младата, беше воодушевена.

Малите сирени на сцената доаѓаат со ролшуи, рајнското злато е претставено во форма на труба од оркестарот, младиот Зигфрид сфаќа дека змевската крв има вкус на кечап, овој мал херој својот меч го остри на стар кујнски шпорет, се слуша виолина...

Така режисерот Фон Мајенбург и диригентот Хартмут Кајл ја прилагодија темата од „Прстенот на Нибелунзите“ за децата, но така што приказната не ја губи смислата. Оперската приказна е целосно раскажана, приказна за љубовта и предавството, за подемот и падот на боговите и хероите. Фон Мајенбург вели:

„Правило број еден е да е се филозофира многу. Тоа децата не го разбираат. Важно е приказната да биде кратка и јасна, тоа е основно правило. Кај Вагнер се работи за љубов и смрт, а јас при преработката се трудев тоа да не го изоставам. Зигфрид на крајот умира, постои и љубов од која се раѓа едно дете. Тоа го разбираат и децата, тоа се составни делови на животот.“

Долг историјат на претставите за деца

Opera piccola
Фотографија: Albrecht

Новата детска опера „Прстенот на Нибелунзите“ е дел од проектот „Вагнер за децата“, што го оживеа директорката на фестивалот, Катарина Вагнер уште пред три години, верувајќи дека на тој начин на малите ќе им ја приближи класичната музика.

Уште во 17-ти век децата изведувале први музички драми во манстирските училишта. Моцарт компонирал поучно дело за млади, „Аполон и Гијацинт“. Жанрот „детска опера“ настанал кон крајот на 19 век благодарение на развојот на педагогијата и новите претстави за детето како самостојна личност. Овој жанр првпат го прослави Енгелберт Хумпердинк со преработката на делото на браќата Грим-„Ивица и Марица“.

Првата детска опера во Германија е основана во 1996 година во Келн. Од тогаш до денес постои и детска опера во Дортмунд, а германската и комична опера во Берлин, како и државната опера во Минхен произведуваат опрески дела за деца, додека „Малата опера“, која е дел од државната опера во Хамбург, веќе слави 10 години постоење.

На младите да им се приближи класичната музика

Opera piccola
Фотографија: Albrecht

Се поставува прашање-дали е ова опера од или за деца? Според зборовите на Луврен Лангеворт, кој го оживеа проектот „мала опера“ во Хамбург, тоа е и едното и другото. Тој како сегашен директор на Келнската филхармонија ја поздравува идејата децата да прават опера за деца. Засега тие детски опери не можат да бидат замена за музичкото образование, но можат да го збогатат, смета Лангеворт.

Тоа е начин за доближување на класиката до најмладите и поттик тие да ја засакаат. Ваквата понуда посебно е значајна кај децата чии родители не се заинтересирани за музика. Режисерот на детската верзија на „Прстенот на Нибелунзите“, Мајенбург, го дели истото мислење:

„Верувам во постоење различни начини за приближување на операта кон децата. Една од можностите е адаптираното дело, но не мислам дека штети и децата да гледаат вистинска опера, за возрасни, па дури и ако се работи за само еденчин. Во него може толку многу да се открие и доживее, па операта е подеднакво интересна и за младите“.

Автор: Анастасија Буцко/Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски