1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш: го дадов најдоброто од себе

Албрехт Циглер16 јануари 2009

Американскиот претседател во заминување, Џорџ Буш во своето последно телевизиско обраќање до нацијата, одлучно ги бранеше резултатите коишто ги остварил на внатрешен и надворешно-политички план.

https://p.dw.com/p/GZhP
Буш по два претседателски мандата си заминува од Белата куќаФотографија: AP

Обраќајќи се пред одбрана публика во Белата куќа и на целата американска нација преку телевизиските екрани, претседателот Џорџ Буш во говорот веднаш истакна дека сторил се’ за неговата земја да биде побезбедна. Дека бил на вистинсиот пат, според него, потврдува и фактот што веќе седум години, од нападите од 11 септември до сега, на американско тло не се случиле терористички напади. Буш сепак предупреди дека се’ уште има опасност од терористички закани. „Нашите непријатели се трпеливи и решени повторно да нападнат“, рече тој.

Доминираше глобалната војна против тероризмот

Буш ја повтори неговата основна теза која долго време ја застапува, дека САД мора да се грижи за слободата во светот и за уништување на тероризмот. Затоа според него се важни војните во Авганистан и Ирак.

Barack Obama besucht George W. Bush
Џорџ Буш и неговиот наследник Барак ОбамаФотографија: AP

„Авганистан од една земја во која беа вгнездени Талибанците и Ал Каида и каде жени беа каменувани по улица, се разви во млада демократија која одлучно се бори против тероризмот и во која сега и девојчиња се поттикнуваат да одат на училиште. Ирак од брутална диктатура и непријател на Америка стана арапска демократија во срцето на Блискиот Исток и пријател на САД.“

Пофалби за преземените економски мерки

На внатрешно-политички план, Буш оцени дека неговата администрација многу добро дејствувала во справувањето со последиците од финансиската криза, и дека ситуацијата би била уште полоша ако владата не делувала соодветно и на време. И покрај рецесијата во САД, тој е убеден дека работите повторно ќе тргнат на подобро. Буш е убеден дека го дал најдоброто од себе.

„Како и сите мои претходници и јас можеби имав неуспеси, и секако има работи коишто да можев би ги направил поинаку. Но, секогаш постапував во најдобар интерес за нацијата. Ја следев својата совест и го правев она што мислев дека е најдобро. Можеби нема да се согласите со сите мои одлуки, но се надевам дека ќе се согласите со фактот дека бев подготвен да ги донесам тешките одлуки,“ рече во своето последно обраќање до нацијата, американскиот претседател во заминување, Џорџ Буш.