1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бум на пазарот на уметнички дела

Тим Јанчки/Б. Георгиевски23 мај 2012

Германецот Герхард Рихтер е еден од најважните модерни уметници. Тоа се потврди и на последната аукција на „Кристис“ во Њујорк. Сликите на Рихтер беа продадени за 42 милиони долари.

https://p.dw.com/p/14slu
Фотографија: picture-alliance/dpa

77 и пол милиони долари: тоа беше највисоката сума која ја постигна аукционерот таа вечер. На неа треба да се придодадат уште и давачки и провизии и целата сума за сликата на Марк Ротко „Портокалово, црвено, жолто“ ќе достигне 87 милиони долари.

И тоа не беше единствениот рекорд на оваа аукција во „Кристис“. За секое парче кое се најде „под чеканот“, почетната цена беше далеку надмината.

Уште еднаш многу популарни беа сликите на германскиот автор Герхард Рихтер. Неговата „Апстрактна слика“ беше продадена за точно 22 милиони долари. Неговата „Парче од морето“ достигна 20 милиони долари.

„Многу помогна тоа што пред една недела „Крикот“ на Мунч го продадовме за 120 милиони долари. Тоа покажува дека уметничкиот пазар доживува бум. Сите наши аукции во моментов се голем успех, а забележливо е дека доаѓаат и се’ повеќе купувачи“, вели Брет Горви, шеф на аукции во „Кристис“.

Поради финансиската криза се повеќе инвеститори се насочуваат кон уметноста. Оттука и во „Кристис“ сметаат дека ова не беше последната рекордна аукција.