1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарските пасоши барани на Косово

Рефки Алија/Б. Георгиевски15 мај 2012

Кај Бошњаците и Гораните на Косово последните месеци владее голем интерес за бугарски пасоши. Косовските власти тврдат дека нема простор за загриженост, но претставници на двете заедници алармираат.

https://p.dw.com/p/14vhp
Фотографија: fotolia

Фатима Реџовиќ од околината на Призрен пред три години завршила медицински факултет во Сараево и не може да најде работа. Бидејќи Бугарија, како членка на ЕУ, по забрзана постапка нуди свој пасош, Реџовиќ во тоа гледа решение за својот проблем.

„Имам српски пасош, но со него не можам ништо. Се распрашав и сфатив дека бугарските пасоши се единствено решение и дека само со него можам да најдам работа и да си обезбедам пристоен живот, по толку мачење, учење и труд. Слушнав дека во Германија се бараат лекари и мислам дека таму ќе ми биде многу подобро. Ако успеам, никогаш веќе нема да се вратам овде“, вели Реџовиќ.

Здружение на Бугари на Косово

Во присуство на претставници на бугарската амбасада во Приштина и на Агенцијата за Бугари во дијаспората, пред два месеци беше формирано Здружение на Бугарите на Косово со седиште во Призрен. Иако тоа официјално се негира, откако ќе се зачленат, од заинтересираните, најчесто од призренската и од општината Драгаш, се собираат документи и преку посредници по скратена постапка - најмногу за една година, се добива бугарски пасош.

Претставниците на Бошњаците различно гледаат на ова прашање. Некои го толкуваат како „дополнително расцепкување на нивната заедница и формирање на нова - бугарска“. Затоа и’ апелираат на ЕУ да го сопре овој процес „за кој Бугарија, освен што добива своја заедница, дополнително добива и пари од фондовите на ЕУ на име дијаспора“.

Kosovo Stadt Prizren
ПризренФотографија: DW

Од друга страна, според поранешниот министер за здравство во косовската влада Садик Идризи, кој е по потекло од Драгаш, земањето бугарски пасош е „решавање на економските проблеми“.

„Луѓето веќе не се задоволни со српските или македонските пасоши, затоа што бугарскиот пасош вреди повеќе. Со него можат да добијат работа во земјите на ЕУ, и тоа е нивната шанса за економско преживување. Јас потполно ги разбирам тие луѓе. Тие не се во можност да опстанат и мораат да се одлучат за вакви варијанти“, вели Идризи.

Автобусите возат кон Софија

Заменикот косовски министер за надворешни работи Петрит Селими не гледа причина за загриженост поради овие трендови. Според него, „се’ додека се работи во рамките на Уставот и законите, тоа не претставува мешање во внатрешните работи на Косово“.

„Веруваме дека за неколку години косовскиот пасош ќе биде на исто рамниште со другите пасоши од Шенген зоната. Можеби ваквата ситуација ќе потрае во следните неколку години, но не верувам дека така ќе остане откако на косовските граѓани ќе им биде овозможено да патуваат со косовските пасоши. Тоа тогаш нема да биде тема, тоа за нас ќе биде завршена приказна“, вели Селими.

И додека официјалните претставници си даваат сопствени толкувања, цели автобуси со жители на призренскиот регион, а во последниот период и од други делови на Косово, заминуваат за Софија за да поднесат документи за бугарски пасоши. Многумина веќе и ги добиле пасошите. Целата постапка чини околу илјада евра, а пасошот се добива за една година.

На тој начин, српските и македонските пасоши добија голема конкуренција.