1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарската баница е култна ужина

Доника Денева / Борис Георгиевски20 март 2012

Во рамки на серијалот Глобална закуска, ви го претставуваме бугарскиот специјалитет - баницата. Баницата е кралица на бугарската кујна, култна ужина за масите.

https://p.dw.com/p/14Nkg
Фотографија: fotolia

Софија зимоска: бугарскиот главен град беше под снег, а беа забележани и рекордно ниски температури. При вакво време, на луѓето не им преостанува ништо друго освен да се загреат со храна и пијалок.
Баницата е кралица на бугарската кујна, специјалитет кој е присутен на овдешните трпези уште од средниот век. Култна ужина за масите. Се работи за едноставно и евтино јадење - брашно, сол и вода, ништо повеќе. Тајната е во идеалниот сооднос и подготовката на состојките. Тестото се врти, еднаш, двапати и смесата е веќе доволно тенка и речиси два метра широка.
Недостасува уште само сирењето.

Милена веќе 10 години е експерт за баници. Таа најдобро знае како се подготвува ова јадење: „Важно е да имате ентузијазам и љубов. За баницата да биде вкусна треба да уживате во нејзиното подготвување. Јас си ја сакам работата, иако е тешка. Се трошат многу брашно и тесто. Понекогаш ме болат рацете, неретко и грбот или крстот“, вели Милена.

Flash-Galerie Rezepte backen Zutaten Eier Milch Mehl
Фотографија: Fotolia/BK

Модерна баница

Мрзеливите љубители на овој бугарски специјалитет, денес можат да купат и готово тесто. И уште нешто се смени во меѓувреме: освен сирењето, се’ почесто во баницата се додаваат и праз, печурки, шунка или спанаќ. Но може ли баницата да и‘ се спротивстави на популарната брза храна која доаѓа од Западот?

„Без разлика што ново ќе се појави на пазарот, оваа комбинација со нашето сирење кое е познато ширум светот, е единствена. Ништо нема подобар вкус“, вели сопственичката на дуќанот за баници.

Една баница чини околу едно евро и таа е сосема доволна да ве засити. Најдоброто е што секој може да си земе онолку колку што му се јаде. Муштериите се секогаш задоволни:

ALTE BOSNISCHE GERICHTE
Фотографија: DW

„Обожувам баница, таа е толку мрсна и вкусна. Баници има на секој агол. Секогаш кога ќе огладнам, ја наоѓам за час.“

„Крајно време е да направиме меѓународен ланец за брза храна со бугарски специјалитети“, дополнува втор муштерија.

Но, специјалитетите од Бугарија, барем досега не успеаја да се пробијат надвор од границите на земјата. Сепак, кој да знае, можеби некаде во Софија веќе е во план првиот ресторан за брза храна со баницата како главна понуда.

Прилогот можете да го погледнете и како Видео на денот во нашата мултимедијална понуда.