Бугарија и испорача три услови на Македонија
29 ноември 2012Шефот на бугарската дипломатија Николај Младенов во писмо до својот македонски колега Никола Попоски ги наброи трите услови кои официјално Скопје ќе треба да ги исполни за да ја добие поддршката на Софија за евроинтеграцискиот процес.
Младенов бара од македонското раководство да потпише Договор за добрососедски односи и соработка кој ќе се базира врз договорената Декларација од 1999 година.
„На второ место треба да биде изградбата на неопходната инфраструктура за засилена соработка при што треба да се создадат работни групи за подобрување на меѓусебните односи во клучните области. И трето, Бугарија предлага создавање на Совет на високо ниво на кој ќе се одржуваат годишни заеднички владини седници“, се наведува во писмото кое го лиферуваше бугарското МНР.
Младенов наведува дека доколку се исполнат овие услови, ќе се обезбеди поддршката на Бугарија за интеграцијата на Македонија во ЕУ. Бугарскиот министер во писмото дава куса хронологија на бугарско-македонските односи од независноста наваму, и притоа потенцира дека Софија секогаш и давала поддршка на Македонија во клучните моменти, без разлика дали станувало збор за периодот на ембаргото врз соседна Југославија, косовската криза или граѓанскиот конфликт од 2001 година.
Но, забележува Младенов, и покрај тоа односите меѓу двете држави во последните пет години не се на нивото на кое треба да бидат. Тој вели дека е вознемирен поради постојаното засилување на анти-бугарската активност и реторика во Македонија, а како пример ги наведува „сигналите за дискриминација на граѓаните кои си ја задржале бугарската самосвест“, како и фактот што „обидите на бугарската страна да си го чествува богатото културно-историско наследство не наоѓа на поддршка во Скопје“.