1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија да воспостави дијалог со македонскто малцинство

Тони Гламчевски24 февруари 2009

Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста во Стразбур објавува извештај за состојбата на ова поле во Бугарија. И покрај критиките, Софија тврди дека Македонците во земјата ги уживаат сите права.

https://p.dw.com/p/H00x
Бугарија под лупата на ИКРИ

Според Европскатата комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста (ЕКРИ), инаку независен орган на Советот на Европа, oд 2004 до денес, Бугарија постигнала извесен напредок во борбата против дискриминацијата на расна, верска, етничка и национална основа. Независните експерти на ЕКРИ, кои детално се задржуваат на ситуацијата на Ромите во Бугарија, покрај нив, во групата на загрозени и изложени како мета-етнички групи ги имаат ставено Турците, Помаците и Македонците.

Опомената уште пред четири години

Во делот за Македонците, ЕКРИ потсетува дека пред четири години им посоветувала на бугарските власти да ги следат одблиску обвинувањата за дискриминација и актите на нетрпеливост на кои се изложени Македонците и да преземат мерки за да ги казнат ваквите акти.

Во 2004 на Софија и беше препорачано да отвори дијалог со претставниците на Македонците, со цел да се изнајде решение за тензиите - не само меѓу оваа група и властите, туку и со мнозинското население, што би дозволило соживот и меѓусебно почитување во интерес на сите.

Софија не презема доволно мерки

Во извештајот од 2009 година, ЕКРИ изразува загриженост од манифестациите на непријателство насочени против Македонците во средствата за информирање и поради фактите дека Софија не презела доволно мерки за да одговори на жалбите на Македонците поради ова и да ги направи одговорни медиумите во оваа област. ЕКРИ исто така забележува дека Македонците повторно изразиле желба да бугарската држава подобро го признае постоењето на оваа група како национално малцинство.

Правата на малцинствата да бидат внесени во уставот

Sofia-Zentrum
Софија признава постоење на „разноликост“ во земјатаФотографија: DW

Во извештајот е покренато и прашањето за правото на слободно здружување, при што се наведени и неколкуте предмети за нерегистрирање на партиите, ОМО Илинден и ОМО Илинден-Пирин. Во тој контекст ЕКРИ им препорачува на бугарските власти да го гарантираат правото на слободно здружување, како што стои во членот единаесет на Европската конвенција за правата на човекот, без никаква дискриминација во согласност со пресудите на Европскиот суд за правата на човекот во оваа област. Во согласност со препораките на Венецијанската комисија, од Бугарија се бара да ја внесе во Уставот заштитата на правата на националните малцинства.

Бугарија признава „разноликост“ во земјата

Во својот одговор, бугарската влада повторно нагласува дека етничкиот идентитет во Бугарија е право на личен слободен избор и дека при пописот од 2001, како Македонци се изјасниле 5071 лице. Тој очевиден факт не бара друг специјален акт за признавање од страна на бугарската држава и дека бугарските закони не го користат поимот „национално малцинство“, ниту пак постои дефиниција на тој поим во меѓународното право. „Како резултат на тоа, бугарската држава признава припадност на етничка, религиозна и јазична разноликост во земјата, во што се опфатени и лицата кои самите се определуваат како Македонци. Бугарската држава не може да им даде ’пошироко признавање’ како ’национално малцинство’“. Притоа Софија потсетува дека на овие 5071 Македонци, колку што се декларирале во Бугарија, ефективно им се гарантирани сите права и слободи, како и на сите бугарски граѓани.