Бројни ранети во бомбашки напади во Украина
27 април 2012Шест недели пред почетокот на Европското фудбалско првенство серија бомбашки напади со десетици ранети го потресе родниот град на лидерката на опозицијата, Јулија Тимошенко, која се наоѓа во затвор. Во рок од неколку минути според полицијата се случиле најмалку четири експлозии на плоштади во Днепропетровск, кој се наоѓа 400 километри југоисточно од главниот град Киев. Во бомбашката серија напади се повредени најмалку 27 лица, меѓу нив и девет деца.
Полицијата соопшти дека првата експлозија е предизвикана од експлозивна направа, која била активирана на трамвајската станица Серова. Потоа одекнала уште една експлозија во близина на парк. Во експлозијата се повредени четири патници на трамвај, кој се подготвувал за поаѓање.
Втората експлозија се случила во близна на кино, при што се повредени седум лица. Третата бомба експлодирала во средно училиште при што се повредени четворица ученици. Бомбите биле поставени во канти за отпадоци.
Според украинските медиуми бројот на експлозии во Дњепропетровск веќе изнесува десет. Освен четирите експлозии, потврдени од Министерството, и две кои не се официјално потврдени, се случиле уште четири експлозии. Две нови експлозии одекнале во близина на трговскиот центар „Гран плаза“ и две во квартот Озерка.
Украинскиот главен обвинител нападите ги окарактеризира како терористички напади.
Претседателот на Украина Виктор Јанукович серијата бомбашки напади ги оцени како „уште еден предизвик пред неговата земја, на кои треба да се реагира соодветно“.
Украина заедно со Полска ова лето е домаќин на европското првенство во фудбал, а натпревари е предвидено да има и на стадионот во Днепропетровск.