Британија поцврсто ќе ги контролира весниците
18 март 2013Заменик лидерот на опозиционите лабуристи Хариет Харман изјави за радио Би-Би-Си дека спогодбата е постигната, со компромисот што го направија Владата од една и лабуристите и либералдемократите од друга страна. Договорот е постигнат по долги преговарања во текот на изминатата ноќ, при што лабуристите и либералдемократите прифатија „омекната“ верзија на првичниот владин план за новите прописи за весниците. Според Харман, постигнатиот компромис остава „мали делови“ од новите прописи да бидат озаконети, на што инсистираа опозициските лабуристи и Либералдемократската партија која е дел од владината коалиција, но која се спротвстави на предлогот на премиерот Дејвид Камерон, зад кој застанаа сите конзервативци.
Криза во неколкумесечните преговори за спроведување на заклучоците кои ги понуди судијата Левисон, на крајот од деветмесечниата јавна истрага за работата на веснците, настана кога Камерон и ториевскиот дел од Владата се спротивставија на барањето на лабуристите и либералдемократите за озаконување на повелбата за печатот и на работата на новиот независен контролор. Според Камерон, тоа може да ја загрози независноста на весниците, па Конзервативната партија реши да се повлече од преговорите.
Партиите кои инсистираа на законска подлога за контролорот на печатот сега се задоволни со тоа што прописите во иднина ќе може да се менуваат само со двотретинско мнозинство во Долниот дом и во Домот на лордовите во Парламентот. Овластувањата на контролорот се многу поголеми од оние на досегашната Комисија за приговори против весниците, затоа што сега е предвидена казна до еден милион фунти за жртвите од лошото работење на некој од весниците, како и потпишување на правосилен договор за врзување на издавачите за новиот систем за регулација на работата на печатот.