1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: Четири пати „не“

Барбара Везел
2 април 2019

Долниот дом на британскиот парламент повторно ги отфрли сите предлози за излез од Брегзит-кризата. Единаесет дена пред датумот за излез од ЕУ, Велика Британија е заглавена во ќорсокак.

https://p.dw.com/p/3G46Y
Großbritannien London Jeremy Corbyn spricht vor Theresa May im Unterhaus
Фотографија: picture-alliance/PA Wire/House of Commons

Емоционална кулминација на вечерта сигурно беше сцената кога умерениот пратеник на Ториевците, Ник Боулс се откажа од својата партија, целосно фрустриран. Откако Долниот дом го отфрли неговиот предлог за екстра „мек“ Брегзит со 261 наспроти 282 гласови, Боулс стана и извика: „Мојата партија одбива да прави компромиси, не сакам да учествувам веќе во тоа!“

Нема мнозинство за ништо

Притоа, неговиот предлог за „Заеднички пазар 2.0“, мешавина од норвешки модел и царинска унија, сепак имаше повеќе гласови отколку што обезбеди премиерката Тереза Меј при последното гласање за нејзиниот договор за Брегзит. Но, тоа е слаба утеха. Парламентот повторно ја покажа својата длабока поделеност и тактизирање. Пратениците кои со недели се обидуваат да постигнат натпартиско решение, и овојпат се соочија со пораз. 

Предлогот на проевропскиот пратеник Кен Кларк, Велика Британија и по Брегзит да остане во царинска унија со ЕУ, беше неуспешен само за три гласа.

И третата алтератива, Брегзит-договорот да се поврзе со втор референдум, не доби поддршка, недостасуваа уште 12 гласови. Слично беше и со четвртиот предлог: Брегзит-процесот да премине во надлежност на парламентот.  

Постои ли воопшто уште некој излез од парламентарниот ќорсокак? Настрана од бесполезната интервенција на опозицискиот лидер Џереми Корбин, да се гласа за натамошни идеи за Брегзит, никој немаше паметна идеја. На пратениците очигледно им треба пауза да си ги соберат мислите.

Тереза Меј повторно на потег

Со оглед на недоволната способност за носење одлуки во парламентот, се чини веројатно премиерката во следните денови пак да го стави на гласање својот договор. Минатата недела ѝ недостасуваа 58 гласови, но нејзиниот аргумент се чини сѐ понеизбежен, дека само овој дил може да ја спаси земјата од тврд Брегзит.

Шефовите на држави или влади на 27 членки на ЕУ за во среда идната недела закажаа посебен самит за Брегзит. Најдоцна на викендот меѓутоа сакаат да знаат каква е одлуката на Велика Британија по истекувачкиот продолжен рок. Ако Тереза Меј успее во текот на оваа недела нејзиниот договор за Брегзит да биде изгласан во парламентот, работата би била јасна – Велика Британија би ја напуштила ЕУ на 22 мај под условите од овој договор.

Доколку пропадне меѓутоа и нејзиниот четврт обид, остануваат само уште две опции: Меј може да се одлучи меѓу тврд Брегзит, излез од ЕУ без никаков договор на 12 април, или продолжување на рокот најмалку до крајот на 2019 година со тоа што ќе предложи нов референдум, но притоа Британците ќе треба да учествуваат на европските избори во мај.

Symbolbild Brexit
Велика Британија во ќорсокак во поглед на излезот од ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/A. Franke

Тврдокорните во нејзината партија со недели ја притискаат премиерката во насока кон тврд Брегзит. Тотален прекин со ЕУ би бил она што тие полни со одушевеност го нарекуваат „вистински Брегзит“. Но, парламентот со јасно мнозинство се изјасни против оваа високо рискантна опција, иако гласањето не е обврзувачко.

Што е со револтот во владата?

Со денови се шпекулираше и за револт меѓу министрите и нивна закана со оставки. Но, со оглед на тоа што парламентот не е едногласен, премиерката и натаму го задржува кормилото и одлуката околу Брегзит. Само што таа нема доволно опции, ѝ преостанува избор меѓу различни видови политичко самоубиство.

Нејасно е колку долго Тереза Меј ќе успее да се одржи на власт. Десното крило на конзервативците отворено пледира за нови избори. Кандидатите како Борис Џонсон, Доминик Раб и други тоа не го кријат, но тие би морале да ја соборат Меј со помош на поголем револт во владата, а по дебаклот во парламентот, нема повод за такво нешто.

Повеќе:

Брегзит: Лондончани со страв гледаат кон иднината

Британски фирми се „вооружуваат“ за тврд БрегзитБрегзит: Како Монти Пајтон, само помалку смешно

Од друга страна, либералните конзервативци се обидуваат да се спротивстават на доминацијата на десноориентираните сопартијци. Тие се концентрираат околу министерот за екологија Мајкл Гоув како можен наследник на Меј. Тој беше водечки претставник на движењето за Брегзит, а еднаш веќе доживеа неуспех како кандидат за премиерската функција. Но, своето тогашно предавство во меѓувреме успеа да го испегла преку лојалност и неупадливо однесување.

И натаму останува отворено прашање дали Брегзит нема натамошно да ја разедини Конзервативната партија. Разумните во кабинетот предупредуваат од нови избори наскоро, зашто тие би ја довеле партијата во тешка ситуација. Но обидот и натаму да се владее без јасно мнозинство исто така не е решение. Со оглед на заканувачкиот датум за Брегзит, се чини дека и владата и парламентот се подеднакво парализирани и неспособни за дејствување.

Großbritannien Brexit Protest im Unterhaus
Голи демонстранти во британскиот парламентФотографија: picture alliance/dpa/Press Association Images/J. Heappey

Има и други градилишта

Вчера една група демонстранти во Долниот дом го одвлече на момент вниманието од Брегзит. Тие од бината за посетители ненадејно им го свртија грбот на пратениците и ги симнаа пантолоните. Мажи и жени им ги покажаа голите задници на пратениците. Се покажа дека манифестацијата на нивното незадоволство не е поради Брегзит, туку статус-квото во заштитата на климата. На оваа тема во следните денови се најавени и демонстрации, исто како и протести поради здравствениот систем, училиштата, недостигот на станови и други реални политички проблеми кои им лежат на срце на граѓаните. Зашто, во последните две години на политички план нема апсолутно никакво придвижување. Велика Британија е парализирана и поделена поради Брегзит.