Брахими на средба со Асад
21 октомври 2012Детали од разгворот меѓу специјалниот пратеник Лакдар Брахими и претседателот Башар ел Асад, државната сириска телевизија не објави. Брахими допатува во Дамаск со цел да издејствува прекин на огнот меѓу армијата и бунтовниците за време на исламскиот празник Курбан Бајрам, кој почнува идниот петок.
Режимот на претседателот Башар ел Асад досега реагираше воздржано на иницијативата на специјалниот пратеник за Сирија на ОН и на Арапската лига. По средбата на Лагдар Брахими со сирискиот министер за надворешни работи Валид ал Миалем вчера во Дамаск темата прекин на огнот не беше наведена во официјалното соопштение на министерството.
Имено се вели дека двајцата политичари дискутирале за „објективни и разумни услови“, за „ да се сопре насилството од секоја страна“. Според информации на дописниците режимот очигледно бара, бунтовниците за време на прекинот на огнот да толерираат движење на армијата.
Брахими се надева дека со прекин на огнот за време на Курбан Бајрам ќе може да постигне долгорочно примирје, кое ќе треба да се преточи во „политички процес“ за решавање на конфликтот.
Според податоци на ОН од почетокот на протестите против авторитарното владеење на Асад во март 2011 година, кои прераснаа во граѓанска војна убиени се поеќе од 30.000 луѓе.
Во стариот град на Дамаск денеска во бомбашки напад се убиени најмалку десет лица, информираат сириските сили за безбедност. Експлозијата се случила пред полициски пункт во христијанскиот дел на градот Баб Тума. Оваа населба се смета за приврзаник на Асад.