1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Iran Lage

29 јули 2009

Во долготрајната борба за моќ во Иран се чини дека силите на опозицијата остварија уште една победа. Во тек е бран отпуштање од затворите на учесниците на демонстрациите по спорните претседателски избори во земјата.

https://p.dw.com/p/IzV5
Го наслушува ли гласот на народот? Иранскиот претседател Махмуд АхмадинеџадФотографија: AP

Претседателот на државата Махмуд Ахмадинеџад побара од правосудните органи на Иран да ги ослободат демонстрантите од уличните протести најдоцна за десет дена. До седми август, кога се слави роденденот на имамот Махди, треба сите затвореници да бидат кај нивните семејства, побара Ахмадинеџад во писменото обраќање до шефот на правосудните органи, ајатолахот Махмуд Хашеми Шахруди. Тој веќе нареди проверка на сите случаи во наредните седум дена и најави дека сите, кои не дошле во сериозен судир со законот, ќе можат да бидат ослободени со кауција. Освен тоа, Шахруди најави создавање тричлена комисија, која ќе ги испита условите во затворите.

Меѓу лицата кои синоќа и утринава веќе излегоа од затвор се наоѓа и борецот за човекови и посебно женски права, Шади Садр, за чие ослободување посебно се заложи шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер. Популарната адвокатка беше уапсена на улица пред десетина дена и тоа без обвинение.

Mirhossein Mousavi
Му забранија уште една јавна манифестација: поразениот претседателски кандидат Мир Хосеин МусавиФотографија: Fars News

Додворување на народот

Духовниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, вчера нареди и итно да се затвори озлогласениот затвор Кахрисак на југот од Техеран, каде се наоѓаат голем број од демонстрантите. Во него, наводно, имало и жртви меѓу затворениците, и тоа под се` уште неразјаснети околности. Официјално, како причина за затворањето на затворот се наведува недостатокот на соодветни стандарди во почитувањето на правата на затворениците.

Опасна комеморација

Во меѓувреме, иранските власти ја забранија јавната комеморација за жртвите од демонстрациите по претседателските избори, што требаше да се одржи утре (30.07.2009). Иницијативата дојде од поразениот кандидат на изборите, Мир Хосеин Мусави, кој најави дека нема да има никакви политички изјави, туку на комеморацијата ќе се читаат само делови од коранот. Наспроти ваквите најави, властите го забранија нејзиното одржување. Тие стравуваат од масовен собир, бидејќи в четврток (30.07.2009) се навршуваат четириесет дена од загинувањето на студентката Неда Ага Солтан, која се претвори во централен симбол на протестното движење.

Автор: Улрих Пик / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска