1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Бранители на СПЦ и БПЦ преку грбот на МПЦ

11 мај 2022

Додека Српската и Бугарската црква молчат, за одлуката на Вселенската патријаршија дебатираат историчари и аналитичари.

https://p.dw.com/p/4B7LO
Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје
Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во СкопјеФотографија: DW/D. Dedovic

Српската православна црква молчи, Бугарската исто така. На веб страницата на СПЦ, меѓу бројните „вести од христијанскиот свет“ не е објавена одлуката на Вселенската Патријаршија да ја врати Охридската Архиепископија во канонско единство со православниот свет. На веб страницата на БПЦ, до вчера последни вести беа дека Бугарската православна црква на 10-ти мај ја слави годишнината од возобновувањето на Бугарската патријаршија и дека бугарскиот патријарх Неофит (76) „претрпел инцидент во патријаршискиот дом во Софиската митрополија поради што бил хоспитализиран. Било утврдено дека има скршеница на дел од левиот колк, поради што ќе му биде извршена соодветна медицинска интервенција, и дека неговата здравствена состојба е стабилна.

Додека СПЦ и БПЦ молчат, за одлуката на Вселенската патријаршија дебатираат историчари и аналитичари.

Соборниот храм „Свети Сава“ во Белград
Соборниот храм „Свети Сава“ во БелградФотографија: Boris Breytman/Zoonar/picture alliance

„ОА е продолжение на БПЦ“

Каква ќе биде позицијата на БПЦ по решението на Вселенската патријаршија? Во недостиг на црковен став, историчарот Христо Матанов за Бгнес сугерира каква треба да биде позицијата на БПЦ.

„Во црквата ништо не се случува брзо. Треба да осмисли, да се процени. Ставот, кој според мене треба да го држи БПЦ, е дека Охридската архиепископија е продолжение на Бугарската православна црква и дека никаков македонски идентитет не се признава на овој начин. Нивните тврдења за такво нешто се филетизам - т.е. црквата да е идентитет на еден народ“, изјави Матанов.

Според бугарскиот историчар, донесената одлука покажала дека Вселенската патријаршија е подложна на геополитичката ситуација.

„Знаеме дека вселенскиот патријарх е приврзаник на отцепување на делови од Московската патријаршија, следствено е поддржувач на Украинската патријаршија и истовремено противник на најголемата православна црква - Московската патријаршија. Вселенската патријаршија едноставно одговара на непријателството кон Московската патријаршија“, вели Матанов.

Притоа посочува дека ако се суди според донесената одлука, таа ја признавала Охридската архиепископија како што била призната во 11. век од Василиј Втори. Ставот на Руската православна црква дека јурисдикцијата врз епархиите е на Српската црква, го смета за „обид да се зачува црковната јурисдикција - исто како што Москва сака да ја зачува над Украина, така Белград да ја зачува над Македонија - геополитичка игра на спротивставување меѓу Москва и Вселенската патријаршија“.

Соборниот храм „Свети Александар Невски“ во Софија
Соборниот храм „Свети Александар Невски“ во СофијаФотографија: Imago Images/robertharding/C. Kober

Но, во втор план тоа можело да се протолкува и како удар врз БПЦ, особено на нејзината позиција дека „ништо не направила за тоа прашање" кога македонската црква рекла: „Бидете црква-мајка“

Според Христо Матанов, овој црковен спор нема да влијае на тековните преговори меѓу двете влади за укинување на ветото, бидејќи одлуката не се заснова на црковни разлики.

Во уставот на БПЦ

Д-р Борислав Цеков од „Центарот за нова Европа“ ги повтори неговите ставови за темата, кои ги објавил во бугарски медиуми во 2017 година: „дека сегашната самопрогласена ‘Македонска православна црква-Охридска архиепископија' нема никаква врска со историската Охридска архиепископија, туку е составен дел од историскиот развој и правниот субјективите на Бугарската православна црква".

„Апсолутно шпекулативни и во духот на измислениот македонизам се некои позиции во руската наука и современа Македонија, кои ги премолчуваат правните и историски факти и ја прикажуваат Охридската епископија како нешто поврзано со историјата на Македонија, а не со бугарската држава и нација. Претензијата содржана во уставот на Македонската православна црква дека се наследници на Охридската архиепископија е лишена од каква било канонска и историска основа. Евентуалното признавање на таквото тврдење од страна на Бугарската православна црква би претставувало откажување од голем дел од бугарската црковна историја и правен субјективитет. Не случајно во чл. 1, ст. 3 од Уставот на БПЦ е запишано дека БПЦ е правен наследник на Плисковската архиепископија, Преславската патријаршија, Охридската архиепископија, Трновската патријаршија и бугарската егзархија. Ова се фактите“, пишува Цеков, потенцирајќи дека бугарските власти не презеле ништо за зашита на бугарскиот национален интерес од постојаното посегнување на македонизмот. 

Синодот на МПЦ-ОА  изрази најсрдечна благодарност до Вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Синодот на МПЦ-ОА изрази најсрдечна благодарност до Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Фотографија: picture-alliance/AA/O. Akkanat

„Разбојнички упад“

Слични тонови доаѓаат и од историчари во Србија. Зоран Чворовиќ, автор на книгата „Право и православие“, за агенцијата Бета изјави дека Вартоломеј „разбојнички упаднал на канонската територија на СПЦ“, за канонски ги прогласил „расколниците во Македонија“ кои се одвоиле од СПЦ, и ги прогласил за канонска помесна црква повикувајќи се на „наводното право да биде последна жалбена инстанца во православието, со право да преиспитува одлуки на помесните цркви“.

Тој додава дека Вартоломеј за себе ја сака функцијата „источен папа“, иако е „само прв по честа“ меѓу локалните православни цркви.

„Со неканонската одлука на Цариградската патријаршија, не само што е прејудицирано решение на прашањето за македонскиот раскол, туку Цариград со ова сакаше целосно да ја деградира силата на евентуалниот томос кој СПЦ би го дала на православните Македонци, но и да ја скрати и деградира полнотата на власта што ја има секоја автокефална црква, па и СПЦ“, изјавил Чворовиќ.

Синодот на МПЦ - ОА вчера изрази „најсрдечна благодарност до Вселенскиот патријарх  Вартоломеј за Патријаршискиот и Синодален акт за канонско и евхаристиско единство на нашата ерархија, при што, прифаќањето е со еклисиолошкото име со што се обезбедува вековниот црковен континуитет".

„Истовремено ја известуваме јавноста дека продолжуваат разговорите со Српската православна црква до уредувањето на конечниот статус на нашата Црква, како и по препорака на Цариградската Патријаршија, која во рамките на светоканонскиот чин и црковно предание треба да се уредат управните прашања помеѓу двете Цркви“, соопшти Синодот на МПЦ-ОА.