1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бостонскиот напад - тест за безбедносната архитектура на САД

Геро Шлис/ Симе Недевски16 април 2013

Слики кои ги вратија најлошите сеќавања на 11 септември 2001 година. Нападите на бостонскиот маратон имаа поинакви размери, но сепак предизвикаа многу брз и очигледно ефикасен синџир реакции на безбедносните органи.

https://p.dw.com/p/18GXH
Фотографија: Reuters

Околу 14:50 по локално време вчера (15.04) две експлозии го потресоа центарот на Бостон. Неколку минути подоцна американските ТВ станици известуваа во живо. Од ЦНН (Си-Ен-Ен) се‘ до Фокс Њуз прво можеа да се видат едни исти слики од престрашени маратонци во нивните шарени спортски облеки, луѓе кои бегаат и повредени лица кои лежат на земја. Камерите покажуваа крв на асфалтот, спасувачки тимови како итно си го пробиваат патот до местата на експлозијата и чад кој ги исполнува улиците во центарот на Бостон.

Неколку минути подоцна телевизиските водители со видно возбуден говор соопштија дека претседателот Барак Обама бил известен за случувањата во Бостон. Потоа можеше да се види и фотографија од неговата итна средба со директорот на ФБИ Роберт Мулер и министерката за безбедност на татковината Џенет Наполитано - тројца луѓе со сериозен поглед, групирани околу работната маса на претседателот на САД.

Истовремено полицијата со возила ги блокираше приодите до Белата куќа. Во Њујорк и во други градови на САД како Филаделфија или Чикаго, безбедносните органи го зголемија степенот на готовност. Дури и во Лондон каде наредниот викенд е планирано одржување маратон, безбедносните органи најавија заострени мерки за заштита на учесниците и гледачите на трката.

Boston marathon Explosion
Местото на една од експлозиите во БостонФотографија: Reuters

Престрашеност

Сепак, целокупното внимание на медиумите е насочено кон случувањата во Бостон. Повторно може да се види бесконечна низа слики од престрашени луѓе. Сликите меѓутоа сега стануваат се’ подрастични и се приближуваат повеќе до жртвите, зашто во меѓувреме можат да се видат и аматерски видеа. Се слушаат врисоци, можат да се видат маратонци како се фаќаат за глава, како ги затнуваат ушите - за да се заштитат од притисокот на експлозијата, како паѓаат. Кога во близина на студиото на ДВ во Вашингтон почнаа да се множат полициските сирени, тогаш неизбежно се доживува сериозноста и опасноста на ситуацијата.

На ТВ-станиците продолжуваат да се смитуват слики од Бостон кон кои сега се приклучува редица брзо добиени изјави од очевидци кои секогаш мора да одговараат на исти прашања: Што видовте, што слушнавте, дали сте повредни, има ли загинати? Телевизијата Фокс Њуз по 45 минути прва јавува за загинати во експлозиите, додека ЦНН се’ уште говори за 20 повредени лица.

Потоа се смени и изборот на зборови. Ако на почетокот медиумите говореа за експлозии, сега се зборува за напад. Отворено останува само прашањето кој го извршил. Дали е тоа терористички напад на Ал Каеда или други интернационални терористи, или пак станува збор за криминален акт на Американци.

Широк проток на информации

Она што покрај емоционално екстремните услови и медиумската помпа речиси и да останува незабележано е фактот дека домашниот безбедносен систем изгледа дека функционира. Од нападите на 11 септември 2001 година наваму американската безбедносна архитектура е драстично променета. И, барем како што изгледа во моментов, таа го положи испитот во случајот на Бостон?

Што е различно од порано? Сега имено постои широк проток на информации меѓу безбедносните органи на поединечни сојузни американски држави. Решавачко е и тоа дека федералните и службите на посебните држави работат вмрежено. Оваа соработка, како што велат експертите за безбедносни прашања, е драстично подобрена. Локалните органи за безбедност додуша ги извршуваат истрагите, но министерството за заштита на татковината, ФБИ, министерството за правда и други безбезбедносни служби веднаш се вклучуваат во процесот и обезбедуваат скапоцена поддршка.

World Trade Center Anschlag 11. September 2001
Зградите на Светскиот трговски центар горат на 11 септември 2001 годинаФотографија: AP

Станува збор за поинаква филозофија која сега овозможува соработка на безбедносните органи. Таа се отсликува во функцијата Директор на националното разузнување (Director of National Intelligence). Таа е воспоставена во 2004 година, по препорака на владина комисија по катастрофалните искуства од 11 септември 2001 година. На интернет страницата на Директорот на националното разузнување може најдобро да се согледа неговата мисија. Во првиот ред пишува „Lead intelligence Integration“ односно интеграција на сите разузнувачки и безбедносни служби. Слично како што медиумите дејствуваат се’ побрзо и се“ повмрежено, така и органите задолжени за безбедност изгледа дека комуницираат меѓусебе во досега невидено темпо.Така, претседателот Обама можеше во неговото обраќање, три часа по нападот во Бостон, веќе да извести за целосна поддршка од сите безбедносни служби за локалните истражни органи.