1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борците на ИДИЛ сѐ поблиску до Багдад

Нина Амин (ард)/ А.Трајковска14 јуни 2014

Луѓето во Багдад стравуваат, бидејќи борците од ИДИЛ се на пат кон ирачкиот главен град. Американскиот претседател Обама навести помош, но под тешко остварливи услови. Иран му вети поддршка на соседот.

https://p.dw.com/p/1CIPb
Irak Unruhen Freiwillige melden sich in Bagdad
Фотографија: Ali Al-saadi/AFP/Getty Images

Ирачкиот главен град Багдад се подготовува за можен напад од исламистите. Војници и полицајци патролираат низ важните улици, а освен тоа се поставени дополнителни контролни пунктови во градот. Жителите купуваат прехранбени производи и вода од страв, што ги очекува наредните денови или часови.

Еден од нив е Ријад Абдул Захра. И тој е загрижен, оти исламистите сѐ поблиску доаѓаат до нивната цел Багдад. Ријад ги следи вестите и стравува дека земјата може да се подвои. Повеќето во Багдад имале страв од случувањата во провинциите на северот и на истокот. Ријад стравува дека ситуацијата би можела да ескалира и се сомнева дека се работи за политички натегања. Тој се сомнева дека сето било подготвен план за да се повлечат етнички и конфесионални граници низ Ирак.

Премиерот Малики не успеа да ја обедини земјата

Премиерот Нури ал Малики досега не успеа да ја обедини земјата. Тој постојано одбиваше да ги интегрира во армијата сунитските милиции. Како шиит нему му се префрлува дека ги дискриминирал сунитите во својата земја. Милитантните исламисти поради тоа станале силни.

Сега се чини дека Ирак ќе се распадне, под притисок на борците на групата Исламска држава во Ирак и Левант (ИДИЛ). Тие во меѓувреме не работат само на соборување на Малики. Ирачките пратеници и кругови на тајните служби потврдуваат дека сунитите на поранешниот режим на Садам Хусеин соработувале со борците на ИДИЛ во запоседнатиот град Тикрит.

Nuri al-Maliki Irak Ministerpräsident
Премиерот Ал МаликиФотографија: AFP/Getty Images

Хусам Един ал Делеми од самоименуваниот револуционерен совет на арапската телевизија изјави дека силата на ИДИЛ била последица на неуспехот на Малики и неговата влада. „Народот се потиснува од 2003 година, затоа оваа влада не смее да продолжи да владее. Имено ИДИЛ не е теророт. Тој доаѓа од самата влада“.

Малики се наоѓа под голем притисок. Тој побара помош од САД против исламистите. Американскиот претседател Барак Обама исклучи испраќање на копнени трупи, а за другите опции ќе се разговара во наредните денови. Во секој случај каква и да е поддршката за ирачките сили за безбедност, таа би морала „да биде придружувана од сериозен обид на ирачката влада да се надминат конфесионалните тензии, да се поттикне стабилноста на земјата и натамошно да се работи на тоа да се формира ефикасна армија“, рече Обама.

Задача која во моменталната состојба се чини невозможна. Американската одлука за можна помош ќе биде донесена за неколку денови. Борците на ИДИЛ во меѓувреме се на пат кон Багдад.

Брза обука за добровлци

Ирачката влада се обидува да регрутира доброволци за борбата против исламистите. Од Кербела - седиштето на шиитите јужно од Багдад, кон главниот град се упатиле 1.000 млади мажи, за таму да се борат против сунитските ИДИЛ трупи - доколку борците стигнат до Багдад.

По брзата обука од еден ден младите мажи сакаат да се борат против исламистите, кои на северот на Ирак заземаа повеќе градови, „Ќе ги победиме исламистите и ќе ги одбраниме нашата татковина и територијата“, велат тие. „Борците на ИДИЛ не ни можат ништо, ние го жртвуваме нашиот живот за Ирак“.