Борбите во Сирија се засилуваат
12 јануари 2012Таканаречените „Револуционерни комитети“ денеска известуваат за жестоки борби меѓу армиските трупи и „Сириската слободна армија“ во градот Деир-ас-Саур. Градот Хомс пак, го надлетуваат извидувачки авиони на военото воздухопловство.
Минатата недела првпат на страната на бунтовниците премина армиски генерал, кој ги повика сите војници да го следат неговиот пример, а од меѓународната заедница побара да ја исполни својата морална обврска за заштита на цивилите во Сирија.
САД, поради тензичната ситуација во земјата, го повлекуваат дипломатскиот персонал од Дамаск, барајќи што е можно побргу луѓето да ја напуштат државата. Во октомври лани, Вашингтон одлучи семејствата на вработените во амбасадата да ја напуштат државата и го намали бројот на персоналот.
Противречени верзии за смртта на францускиот новинар
Протестното движење во Сирија демантира дека за смртта на францускиот новинар Жил Жакие се одговорни дезертерите. Искусниот француски воен репортер кој загина вчера од шрапнел беше во групата странски новинари во кварт во градот Хомс каде демонстрираа приврзениците на сирискиот претседател Башар ал Асад. Државната новинска агенција Сана тврди дека Французинот заедно со осуммина Сиријци бил убиен во напад на „вооружените терористи“.
Француското министерство за надворешни работи го осуди убиството на францускиот новинар и побара од властите итно расчистување на случајот.
Мисијата на Арапската лига потфрли
Арапската лига засега нема да испраќа нови набљудувачи, но нема никакви најави за прекин на нејзината мисиија во Сирија, која треба да трае до 19-ти јануари. Уште еден набљудувач во меѓувреме најави намера да се повлече од мисијата која според него не служи за целта-да го запре крвопролевањето во Сирија.
Претходно, алжирскиот набљудувач Анвар Малик во знак на протест ја напушти мисијата на Арапската лига.
Пред камерите на телевизија „Ал Џазира“ јавно објави дека сириската власт не исполнила ниедно од барањата на набљудувачите. Наместо тоа, режимот постојано се обидувал да ги лаже набљудувачите, ги водел на места кадешто е мирно, ги држел подалеку од жариштата на кризата. Сириските возачи и придружници на набљудувачката мисија на Арапската лига ги користеле информациите испратени од противниците на режимот до набљудувачите за казнување на доставувачите.
Од градовите се повлечени само тенковите, а се‘ уште во функција се снајперистите, сведочи Малик.
Посебна претстава, истакнува тој, било наводното пуштање на затворениците. Режимот на телевизија прикажувал пуштање затвореници, кои всушност биле луѓе случајно собрани по улиците ден претходно. Сите оние кои режимот сакал да ги задржи во затвор, таму и останале, којзнае каде.
Впечатоците на Малек се поклопуваат со податоците на ОН-секојдневно во периодот откако во Сирија е набљудувачката мисија на Арапската лига, загинуваат просечно 40 луѓе.
Автор: Жана Ацеска/дпа/дв/афп
Редактор: Е. Милошевска Фиданоска