1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Борба за најдобра корона-апликација

Николас Мартин
6 април 2020

Низ цел свет се работи на креирање апликации за мобилни телефони, кои животот во време на коронавирус ќе го направат побезбеден. Европа сака да тргне по свој пат, во духот на заштита на податоците. Трката е уште во тек.

https://p.dw.com/p/3aURW
Deutschland Berlin - Frau mit Smartphone
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. NIetfeld

Матијас Рајдел е вработен во индустријата за софтвер. Од пред десетина дена тој работи и волонтерски. Често до доцна во ноќта, заедно со свој бивш колега, работи на апликација за мобилен телефон која би требало да помогне во собирање повеќе информации за ширењето на коронавирусот. „Имаше ноќи во кои непрекинато работевме и во шест часот утрото велевме: ‘Одиме да спиеме', но тогаш наскоро почнуваше нашата нормална работа“, раскажува Рајдел.

Една верзија на Ковид-19 радар е веќе онлајн. Користејќи ја оваа апликација, лицата кои се инфицирани со коронавирус можат доброволно да го обележат своето место на престој. Апликацијата тогаш во реално време покажува во кој град, во кој кварт и дури во која улица има посебно голем број случаи на заразени луѓе. „Ние претпоставуваме дека во Германија постојат региони во кои постои помал ризик од опасност“, вели Рајдел.

Mathias Reidel, Unternehmenr und Software-Entwickler
Матијас Рајдел не сака конкуренција по секоја ценаФотографија: Privat

Таму апликацијата треба да им помогне на одговорните за носење одлуки кога станува збор за тоа јавниот живот и економијата да почнат полека повторно да заживуваат. Одредувањето на локацијата, вели Рајдел, не се однесува на поединци. „И во кризни времиња сме обврзани на нештата остварени во демократија, не смееме толку лесно да ги фрлиме низ прозорец“, вели Рајдел.

Заштитата на податоците секогаш во вид

Програмерите водат сметка за строга заштита на податоците во Германија. Зашто, ширум светот во меѓувреме постојат повеќе апликации кои во борбата против коронавирусот, сигурноста на податоците на поединецот ја потчинуваат на заштитата на општеството. Во Јужна Кореја владата собираше информации преку надзорните камери, лоцирање на мобилните телефони и кредитните картички за да го следи синџирот на зараза – слична е ситуацијата и во Кина. Во Израел, како што пишува „Економист“, тајната служба за внатрешна безбедност се приклучила на мобилните телефони на инфицираните лица за да го контролира нивното движење.

И во Германија во моментов се води дебата околу смислата и целта, границите и опасностите на корона-трагачите. Како консензус во меѓувреме важи следното: корона-апликацијата не смее да биде присилно инсталирана и податоците мора да останат анонимни. Тоа се однесува и на неговата програма за смартфон, вели Матијас Рајдел. Поради заштита на податоците и тој, како што истакнува, е во постојан контакт со надлежните служби.

Европската иницијатива како фаворит

Моментно како апликација со најголеми шанси да стане официјална се смета еден европски заеднички проект, кој би требало да функционира врз основа на блутут технологија. На овој проект во меѓувреме се ангажирани околу 130 експерти, а тој го носи името ПЕПП-ТП (Pan European Privacy-Protecting Proximity Tracing" ). Од германска страна во проектот е ангажиран Институтот Хајнрих-Херц. „Ние, Европејците, мораме да најдеме наш одговор како решение на оваа криза“, вели директорот на овој институт, Томас Виганд. Сега решението е веќе на маса.

Повеќе:

Ќе го издржи ли интернетот времето на коронавирусот?

Крвна плазма- нова надеж во битката со коронавирусот

Се повеќе докази дека и здрави луѓе го пренесуваат коронавирусот

Коронавирус - што се крие зад метежот од бројки на инфицирани и како тие да се толкуваат?

Таа апликација овозможува меѓу другото, во случај ако некој со кого сте биле во контакт се зарази, таа информација да биде проследена до сите други кои се или биле во контакт со него, без наведување на името на заразениот или местото на средба со него. Сите кои се информирани потоа можат да решат дали ќе се тестираат или доброволно ќе заминат во карантин.

Се чека на одобрение од политиката

Слично функционира и успешната апликација од Сингапур, „Trace-Together". Но, во европскиот проект свесно се дистанцираат од неа, мобилните телефони во европскиот модел, за разлика од апликацијата „Trace Together" – не се поврзуваат, го објаснува Вигенд принципот на европската апликација. Во Сингапурк освен тоак мора да се даде бројот на телефонот.

Thomas Wiegand, Leiter des Fraunhofer Heinrich-Hertz-Instituts
Томас Вигенд: На потег е политикатаФотографија: HHI

Со користење на апликацијата во Германија би можело да се почне веќе по Велигден. Слично се размислува и во Австрија. „Ако политиката го сака тоа“, нагласува Вигенд претпазливо. Зашто, дискусијата не е завршена. Додека канцеларката Ангела Меркел препорачува ваква апликација, министерката за правда Кристине Ламбрехт е претпазлива: мора да се согледа секој детал на готовата апликација. Како што е познато, ѓаволот лежи во деталите. Вигенд вели дека се надева оти водечкиот германски институт во борбата против епидемијата, Институтот Роберт Кох ќе воведе ПЕПП-ПТ систем во рамките на својата сопствена апликација на германскиот пазар.

Освен Рајдел и Вигенд и бројни други експерти работат на развој на корона-апликација. Рајдел меѓутоа истакнува дека нема голема смисла ако наеднаш се појават четири или пет апликации кои служат за иста цел.