1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борбата против корупцијата во Македонија да се види на дело

30 јуни 2011

Македонија ги прифаќа препораките на ГРЕКО, но треба да покаже во пракса, дека се бори против корупцијата, вели претседателот на ораганизацијата Драго Кос. Во годишниот извештај на ГРЕКО се критикуваат некои земји на ЕУ.

https://p.dw.com/p/11mDd
Фотографија: AP

Во годишниот извештај на Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО) се подвлекува дека во изминатата година е забележано „намалување на одлучноста на политичарите во борбата против корупцијата, па дури и назадување“ на ниво на цела Европа.

Претседателот на ГРЕКО, Драго Кос за Дојче веле прави кратка оценка за борбата против корупцијата во Македонија. „ГРЕКО на прв поглед е задоволен од реакциите во Македонија на препораките на ГРЕКО. Со тоа што ГРЕКО, исто така многу добро знае дека во реалноста, во практичниот живот во Македонија не дошло до некои поголеми поместувања на подрачјето на борбата против корупцијата. ГРЕКО сега очекува тоа да се случи.“

Претседателот на ГРЕКО притоа предупредува: „Македонија, ако не ја забрза или не направи уште повеќе на подрачјето на практичната борба против корупцијата ќе има проблеми и во ГРЕКО, а сигурен сум и дека ќе има проблеми и при влегувањето во Европската унија.“

Symbolbild Korruption Bestechung NO-FLASH
Фотографија: dpa

Македонија располага со ефикасни закони за борба против корупцијата

Имено, во последниот извештај на ГРЕКО од третиот круг на оценување на Македонија е заклучено, дека општо земено се почитуваат нормите на Советот на Европа. Кривичното законодавство на Република Македонија, дава ефикасна основа за водење на истраги во случаи на корупција, судско гонење и судење при неговото кршење.

ГРЕКО забележа слабости во законодавството за транспарентност во финансирањето на политичките партии, како ограничувањето на трошоците за изборите да биде почитувано во практиката. Или пак потребна гаранција дека добрата и услугите, кои ги даваат организаторите на изборните кампањи, да бидат коректно утврдени и забележани како донации за политичките партии, според нивната нормална цена.

Тринаесетте препораки кои и беа дадени во последниот извештај на Македонија, ГРЕКО ќе провери дали таа ги спровела во текот на втората половина на годинава.

Најголемиот број од лошите ученици на ГРЕКО се од Европската унија

Symbolbild Europa EU Zukunft Lissabon Vertrag
Фотографија: AP

Во најновиот годишен извештај на ГРЕКО се испратени критики кон земји, од кои најголемиот број се членки на ЕУ.

„Во третиот круг на оценување ја достигнавме бројката од шест земји кои ГРЕКО ги прогласи како ’некооперативни’. Во првиот и вториот круг на оценување имавме само една таква земја, сега ги има дури шест, а од нив најголемиот број се членки на ЕУ. Исланд, Словачка, Белгија, Шведска, Данска и Луксембург. Исланд и Луксембург откако ги прогласивме за некооперативни за многу кратко време го постигнаа онаа што не можеа да го направат за година и пол. Тие сега ги исполнуваат очекувањата на ГРЕКО, но сепак во моментот кога ги усвојувавме извештаите за нив, останува фактот дека тие беа прогласени за некооперативни“, вели за радио Дојче веле Драго Кос.

ГРЕКО се однесува кон сите земји членки на ист начин

„Еден од квалитетите на ГРЕКО, на кои сум горд, е, дека ние се однесуваме кон нашите членки на ист начин, не земајќи во предвид дали се тие членки на ЕУ или не се членки на ЕУ и на Советот на Европа, како што се САД. Јас се трудам како претседател на ГРЕКО, кон сите овие земји да се однесуваме на ист начин и токму поради ова нема посеризони забелешки на работата на ГРЕКО“, додава претседателот на групата.

Тој притоа нагласува дека во борбата против корупцијата е потребна политичка поддршка. „Професионалните структури како што е ГРЕКО можат да достигнат до едно ниво, понатаму може да оди само политиката“, заклучува Драго Кос.

ГРЕКО е формиран од Советот на Европа во 1999 година со цел да го контролира почитувањето на нормите на организацијата во областа на борбата против корупцијата. Во моментов ГРЕКО брои 48 земји членки, меѓу кои и Република Македонија.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска