Бомбашки напад врз турски војници
17 декември 2016Нападот се случил во раните утрински часови во близина на универзитетската зграда во градот Кајсери во централна Турција. Во експлозијата е уништен автобус во кој се наоѓале цивили и голем број турски војници, кои се враќале од работа. Заменикот премиер Вејси Кајнак соопшти дека нападот со автомобил-бомба бил насочен против турската војска. Тој потсети на последните терористички атентати во Истанбул. Во првото соопштение од армијата стои дека се загинати најмалку 13 војници, а најмалку 46 луѓе се повредени. Меѓу жртвите има и цивили. На телевизиските снимки се гледа изгорената каросерија на автобусот.
Минатиот викенд во две експлозии предизвикани од бомби во близина на стадион во Истанбул беа убиени 44 лица. Одговорноста за двојниот напад ја презеде отцепена група од Курдската работничка партија ПКК. Како реакција турските власти уапсија преку 200 политичари од прокурдската партија ХДП. По најновата ескалација на конфликтот меѓу Курдите и турската држава во летото 2015 година, Анкара одбива секаков дијалог со ХДП.
Индустрискиот град Кајсери се наоѓа далеку од курдските области во југоисточниот дел на Турција и досега важеше за мирен регион.