1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болоњската реформа во Македонија-зрела за ремонт

Свето Тоевски26 август 2012

Изминатите години Болоњската декларација во македонското високо образование овозможи одредени позитивни ефекти, но, време е да се извршат и корекции во примената, поради низа сериозни потфрлања, велат експерти.

https://p.dw.com/p/15wtj
Фотографија: DW

Ова се предупредувања на повеќе експерти, аналитичари и претставници на студентската популација во Македонија, во врска со досегашната реализација на тој акт од 2003. година. Дојче веле го праша Министерството за образование: го положи ли Болоњската декларација испитот во Македонија во изминативе години, или не?

Во писмената изјава тоа одговара: „Македонија доби досега највисоки оценки на Министерската конференција во Лувен за реформата во високото образование според принципите на Болоњската декларација. Направивме многу со спроведувањето на Болоњските начела, но, пред нас се нови предизвици и подобрување на некои аспекти. Тоа е процес, кој се надоградува во ôд. Не е однапред подготвен рецепт“.

Ректорот на Државниот универзитет во Тетово Вулнет Амети истакнува:

„Нашиот универзитет започна да го применува Болоњскиот процес само по една година од воведувањето. Ние сме пример во земјава во тој поглед: воведовме современа интерактивна настава и транспарентен начин на оценување, постојано земајќи ја предвид активноста на студентот. Имаме соработка со голем број престижни и други универзитети во Европа и сме на најдобар пат кон интернационализација на универзитетот,. Само за 2012. година обезбедивме мобилност за 60 студенти и двајца професори, кои еден, или два семестра ќе престојуваат на европски универзитети“.

Mazedonien Land und Leute Studenten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

„Од Болоња го имаме само името“

Од коментарите на студентите на веб-блоговите и низ другите канали на неформалната комуникација може да се дознае како тие гледаат на Болоњската реформа на македонското високо школство:

„Не отапеа“; „Сите што имаат пари плаќаат и добиваат факултетска диплома“; „Од Болоња во Македонија го имаме само името: катастрофална апликација на еден систем. Европскиот кредит-трансфер систем не може да функционира при работење со групи од 200 студенти. Дали постојат некои критериуми на оценување?“, пишуваат дел од студентите.  

Студентите се жалат дека квалитетот на студиите е значително намален, оти има премногу материјал и премногу испити, а премалку практична примена. Голем број компании и работодавачи во Македонија критикуваат дека со првиот стадиум – Бачелор студии студентите не добиваат доволно квалификации за професиите за кои се подготвуваат.

Симона Јандревска, студентски правобранител на Државниот универзитет во Скопје, посочува: „Болоњската декларација му дава предимство на писменото оценување, со што се доведува во прашање вистинското оценување на трудот и знаењето на студентите. Европскиот кредит-трансфер систем, воведен со Декларацијата, се однесува на признавањето на оценките и тој им овозможува на студентите да го изразат своето знаење само преку поставени прашања и понудени одговори. Се запоставуваат креативноста и логичкото расудување. Се зголемува бројот на отсуства на предавањата, а интересот на студентите за нив се намалува“.

Во врска со студентските критики, ресорното министерство нагласува: „Несвојствено е Болоњскиот процес да биде следен ’слепо’. Македонија активно учествува во неговото моделирање, како членка на ’Европскиот простор на високо образование’ (EHEA). Забелешките на студентите околу квалитетот на стекнатите квалификации во целост ќе бидат земени предвид и ќе бидат реализирани со измени во законските и подзаконските акти. Ќе се ревидира ЕКТС системот, онаму каде што се откриени слабости.“ Министерството за образование истакнува дека ќе се развива систем за финансирање на високото образование базиран на потребите на заедницата и пазарот на трудот.

Studenten - Uni Skopje
Фотографија: MIA

Ана Мицковска-Ралева, аналитичар на јавните политики од Центарот за истражување и создавање политики од Скопје, се надоврзува:

„Јавноста и студентите досега гледаа на Болоњската декларација само низ призмата на ЕКТС-системот. Другите области кои таа ги покрива беа запоставени. Недоволно е развиена и мобилноста на студентите: Македонија е многу далеку од поставената цел за 20 отсто мобилност, што е европско ниво. ЕКТС-системот е алатка, која треба да ја олесни мобилноста на студентите, а натаму и на работниците низ просторот на Европа“.

Здравко Савевски, професор на ФОН универзитетот во Скопје, заклучува: „Високото образование во последниве години се уназадува. Причина за тоа е и како се применува Болоњската декларација. Болоњскиот процес треба да се преиспита. Го прифативме некако премногу ентузијастички, без никаква доза на критичност, додека во западните земји беа малку повнимателни во спроведувањето. Како што се реализира, тој предизвикува недоволно оспособување на студентите“.