1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болно стегање на ременот

6 мај 2010

Грчкиот парламент денеска треба да гласа за пакетот мерки за штедење, предуслов за добивање на помошта од 110 милијарди евра од ЕУ и ММФ. Билансот од вчерашните демонстрации е тројца загинати и дванаесет повредени.

https://p.dw.com/p/NFQ8
Фотографија: AP

Кризата во Грција е во фокусот и на седницата на Европската централна банка во Лисабон. Се очекува по седницата, претседателот на Банката Жан-Клод Трише да направи нов обид за смирување на пазарите и да потврди дека нема опасност од прелевање на кризата во други земји.

Барања за посоцијални мерки за штедење

Состојбата во текот на ноќта во Грција беше мирна. Грчкиот претседател Каролос Папуљас, по безредијата во Атина, кои однесоа три човечки животи, изјави дека земјата се наоѓа на „работ на пропаст“. „Наша одговорност е да не паднеме во бездна“, рече Папуљас.

Пратениците во грчкиот парламент со една минута молчење им оддадоа почит на жртвите, а премиерот Јоргос Папандреу зборуваше за убиство и најави кривична истрага.

Proteste in Athen Griechenland Flash-Galerie
Масовни протести и судири со полицијатаФотографија: AP

Демонстрациите беа дел од 24-часовниот генерален штрајк, кој вчера во Грција го замре јавниот живот. Беа прекинати сите летови, а не работеа ниту железницата и фериботите. Затворени беа и училиштата, болниците, финансиските институции, па дури и Акрополис. Протестите беа насочени пред се‘ против зголемувањето на данокот на додадена вредност и намалувањето на пензиите. Синдикатите признаваат дека кратењата се наопходни за земјата да се спаси од банкрот, но бараат тие да бидат осмислени посоцијално. “Има други работи кои владата може да ги направи пред да посегне по парите на пензионерот кој има пензија од 500 евра месечно“, изјави лидерот на синдикатот на вработените во јавните дејности, Спирос Папаспирос.

Демонстрации ќе има и натаму

Експертот за Грција на „Ле Монд Дипломатик“ Нилс Кадрицке, во интервју за Дојче веле проценува дека безредијата во Грција нема да ескалираат, но демонстрации ќе има и натаму:

„Не верувам дека ќе ескалираат, но ќе се продолжи со протести. Секои три до четири недели ќе има по еден генерален штрајк. Бројот на учесници ќе се намалува. Сега, со сигурност, е достигнат врвот на протестите. Секој демонстрант еднаш ќе сфати дека колку и да излегува на улица, владата нема простор за маневар.“

EU Griechenland Finanzkrise
Фотографија: AP

На прашањето дали оние што протестираат се мало малцинство, Кадрицке одговара:

„Не се мало малцинство. Тие го претставуваат гневот што навистина владее кај мнозинството граѓани. Но, овие луѓе со сигурност не сакаат, на пример, да се создаде впечаток дека во општеството веќе не може да се владее, а пред се‘, не сакаат да се мисли дека земјата веќе не може да се посетува, на пример од страна на туристи, кои се еден од малкуте извори на приходи кои ова лето можат да и‘ пружат поддршка на грчката економија.“

Автор: ЕМФ/АТ/дпа/ ртр/ апн/ дв

Редактор: Жана Ацеска