1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

101209 Weihnachtsmarkt Mittelalter

22 декември 2009

Пред големиот христијански празник во центарот на сите германски градови има божиќен панаѓур. Во гратчето Телгте, во близината на Минстер, се одржува посебен, средновековен панаѓур - најголемиот во Германија.

https://p.dw.com/p/L73N
Фотографија: DW/Moll

На средновековниот панаѓур во гратчето Телгте ечи гласна музика. Во времето пред шест века, од кога почнува традицијата на божикните панаѓури, немало песнички како „О таненбаум“, коишто денес ги знаат сите германски деца. Наместо тоа имало гласна врева од гајди и тапани, токму по вкусот на луѓето од тоа време, кои очигледно биле многу поедноставни. Последните години во Германија има се’ повеќе музички групи кои се обидуваат да го реконструираат музичкото наследство од средниот век и кои си наоѓаат место, меѓу другото, и на специјалните средновековни панаѓури пред Божик, како овој во Телгте. Членовите на групата „Хајденлерм“ или во превод „Варварска врева“, танцуваат на панаѓурската бина, рипаат диво и на крајот ја повикуваат насобраната публика добрo да ги подгрее дланките - со долг и силен аплауз.

Автентична атмосфера

Средновековниот божикен панаѓур во Телгте е најголемиот од таков вид во цела Германија. Годинава има преку 120 штандови, на кои има од се’ по нешто, што се вклопува во средновековниот амбиент на саемот. Тука се ковачите, кои коваат разни производи за домаќинството директно пред посетителите. Тука се и трговците со мечови, а покрај нив продавачките на лековити билки и гледачките на судбината. Газда на панаѓурот е Едуард фон Зоненберг, во реалниот живот наречен Едвин Бал. Тој веќе четврт столетие се ангажира за заживувањето на средновековната традиција, кога се во прашање божикните пазари: „Европската култура е создадена врз темелите на средниот век. Во Германија имаме илјадници тврдини и дворци од тоа време, од кои голем број се добро зачувани. Тие се веќе одамна тивки сведоци на културата од тоа време, но јас се залагам да ја заживееме таа култура, онака како што била на времето.“

Mittelalterlicher Weihnachtsmarkt in Köln
Фотографија: Samr Karam

Шумска населба

Панаѓурот во Телгте наликува малку на населба на шумскиот разбојник Робин Худ. Тука има тезги прекриени со ткаенини, распнати меѓу високите дрвја. Меѓу нив елегантно се движат продавачи и гости облечени во традиционални носии, како средовековни дами, витези, стари викинзи или Келти. Секако во масата се мешаат и сосема обични смртници во фамерки и со патики на нозете. Целиот панаѓур е обвиен во чад од дрва и јаглен, исполнет со мириси на свежо печено месо, пржена риба и традиционални готвени јадења. На многу од штандовите горат свеќи или дури отворен оган, како кај ковачот Вацлав Мелц. Тој стои пред огништето, а во раката држи синџир со дебели за’рѓани алки. Со него го движи мевот и го потпирува оганот. Ковачот Вацлав на себе има зелена престилка, а околу колковите дебел кожен каиш со мала кожена торбичка за парите. Тој допатувал на средовековниот панаѓур во Телгте дури од Чешка. Со ковањето е задоен од мали нозе, појаснува тој: „Потекнувам од семејство на ковачи, татко ми беше ковач, чичко ми, дедо ми... Тоа е семејна традиција повеќе од сто години.“

Искри летаат додека ковачот ја обработува шипката. Од неа треба да излезе нож. „Произведувам речиси се`, накит, ножеви, вилушки...“ објаснува ковачот Вацлав. Готовите производи ги продава мајка му директно на тезгата покрај неговата импровизирана ковачница под ведро небо.

Momentaufnahmen, Deutschland entdecken, Mittelalterlicher Weihnachtsmarkt
Фотографија: Maksim Nelioubin

Магични пијалоци

На другата страна на панаѓурот, на тезгата со топли пијалоци, се одмара газдата на целиот пазар, Едуард фон Зоненберг. Греаното вино со мирудии на панаѓурот го крстија „магична мешавина“. Во неа, покрај доброто вино, по тајниот рецепт има уште мед, ванила и сок од цреши. Едуард фон Зоненберг има искуство со овој пијалак: „Има одличен вкус. Но, мора да се внимава, ако испиете повеќе од три чаши, тогаш можно е нозете да не ве држат така стабилно. Расположението секако ќе биде подобро, но нозете може да престанат да ве слушаат...“

Иако овде многу детали потсетуваат на средниот век, како на пример јазикот што го зборуваат излагачите и нивната традиционална облека, сепак ова не е стопроцентно средновековен панаѓур, појаснува Едуард фон Зоненберг, со световно име Едвин Бал. „За такво нешто би требало да одиме и да кажеме, сега ни требаат 30 тони отпадоци и повеќе од 3.000 стаорци. Дури тогаш би и’ се приближиле на реалноста од тоа време. Но, тоа не е наша цел, туку сакаме на модерниот човек да му овозможиме да го отвори срцето во предбожиќното време, да доживее нешто поинакво и интересно и добро да се забавува кај нас.“

Mittelalterlicher Weihnachtsmarkt in Köln
Фотографија: Samr Karam

Гостите задоволни

Ако им се верува на гостите на панаѓурот, посакуваниот ефект е постигнат:

„Секој божикен панаѓур е ист, каде и да одите. Ова овде е поинакво, не ги препознаваме производите како од обичните продавници...“

„Ова е толку неконвенционално и пријатно.“

„Средовековната атмосфера и музичките групи што свират овде се многу интересни...“

„За мене се многу интересни овие настапи и затоа што јадењето е поинакво од вообичаеното...“

„Освен тоа интересно е што има толку многу луѓе, кои се шетаат во традиционална, поинаква облека.“

Лов на аждери

Михаел Ертел самиот си го сошил костумот за панаѓурот. Тој носи капа од превртена кожа, куса наметка со качулка, а под неа широка средновековна носија од кафеав филц. На неговиот штанд се’ се врти околу страшните аждери:

„Убава девојко, приблежете се. За вас овде имаме можност да го скршите јајцето на аждерот, помогнете ни...“

Љубопитните посетители на оваа тезга можат да фрлат метална кугла и да го скршат јајцето на аждерот, така што неговото младенче нема ни да се испили. А возрасните аждери, секако како макети, посетителите можат веднаш да ги застрелаат со лак и стрели. „Овде е важно стрелите да се држат тесно до лакот за да не одлетаат во погрешна насока...“ - појаснува стручно Михаел Ертел.

А ако стрелите не помогнат во борбата против аждерите, тој има и секири на располагање.

Кога се спушта ноќта, посетителите уморни од борбите со аждерите и другите интересни работи на средовековниот панаѓур, полека се собираат пред логорскиот оган. Така полека завршува долгиот панаѓурски ден, како за гостите, така и за продавачите на тезгите.

Автор: Грибелер М/Мол Б/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска