Божик: Литургии и желби за здравје и успех
7 јануари 2012Централното одбележување беше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан богослужеше Златоустова литургија. На литургијата присуствуваше и државниот врв - претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски. Тие на граѓаните од православна вероисповед им го честитаа Божик и им посакаа здравје, среќа, успех и спокојство.
„Како што сме обединети и сплотени за време на празниците, така да бидеме целата година и сложни да го дочекаме новото Христово раѓање“, рече Иванов.
Вељаноски на сите граѓани им посака здравје, среќа, љубов и просперитет на личен и професионален план, а на Република Македонија просперитет и „оваа година да го добие она што многу години претходно го има заслужено“.
Честитки до сите верници од христијанска вероисповед и граѓани во држвата упати и премиерот Груевски со желба за многу здравје, спокојство, радост и успеси во оваа година.
„Да имаме повеќе мудрост и спокојство во овие тешки денови на светски економски кризи. Да најдеме начини да ги надминеме проблемите и да излеземе посилни од нив“, рече Груевски.
Државниот врв по литургијата присуствуваше на Божиќната трпеза која ја организираше поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан, а се одржа во Кабинетот на архиепископот.
Божикно послание
По повод Божик, г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога. Во него, меѓу другото се вели:
„Настанот со Христово рождество е исполнување на сите човечки копнежи, пророштва и очекувања, реализирање на севкупната и неуништива жед на човекот кон доброто... Овој празник нe‘ повикува да размислуваме за децата и младите, а особено за загрижувачката состојба со рожбите во нашите семејства, на сe‘ поголемиот број разводи и на десетиците илјади годишни прекини на бременоста. Светата Црква и на овој ден и од ова свето место ги повикува и потсетува брачниците на благословот Божји и обврската кон родот, како и на тоа сериозно да се разбере потребата од повеќе деца во нашите семејства... Загрижувачки се податоците за постојаното намалување на бројот на новороденчињата, а оттаму на учениците и паралелките во нашите училишта, што говори дека се намалуваме и старееме како нација...
Но, не е доволно само да се има деца: добро е да имаме повеќедетни семејства, но неопходно е на истите да им дадеме и добро воспитување. Секојдневно слушаме и гледаме различни негативни примери на однесување и постапување кај нашите млади, а тоа не води кон добра иднина. Децата треба да ги учиме на примерно поведение, да ги воспитуваме во духот на провереното и докажаното добро – а тоа е во духот на Христовата наука. Конечно, време е родителите и надлежните институции посериозно да му пријдат на предметот веронаука во нашите училишта, зашто потребниот пристап кон тој предмет би значел и заеднички влог за подобра иднина.“
Во посланието се нагласува радоста поради 45-годишнината од возобновувањето на „автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква“ и се додава: „Тој блескав историски момент беше, е, и треба да остане трајна сенародна и сецрковна придобивка на нашиот православен народ и на нашата Татковина. Со оваа значајна историска одлука беше исправена двовековната неправда кон нашата древна Црква.“
Автор: ЕМФ/миа
Редактор: С. Недевски