1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либан- жртва на регионалните сили

Керстен Книп/К.Краљевска12 октомври 2015

Главниот град на Либан, Бејрут, е затрупан со смет, што ги предизвикува граѓаните да протестираат. Меѓутоа, тоа не е единствената причина поради која Либан се лизга во хаос.

https://p.dw.com/p/1GQgK
Фотографија: DW/B.Barraclough

„Ти смрдиш“ - беше напишано на транспаренти, кои Либанците им ги покажуваа на своите политички лидери на демонстрациите во Бејрут. Смрдите, бидејќи ништо не правите за да го тргнете насобраниот смет од улиците. Така гласеше пораката. Во меѓувреме критиката се прошири и во други области. Политичката класа им „смрди“ на граѓаните и затоа што не се помрднува од мочуриштето на мито и корупција и не е подготвена, заради благосостојбата на сите да се откаже од одредени привилегии.
Политичкиот аналитичар Џон Бел оценува дека саможивоста на политичарите ја поткопува способноста за политичко делување во целата земја. „Владата не може да донесе одлуки поради невидлив конец, кој некој го влече. Се’ е во знак на индивидуални интереси, алчност и желба за зголемување на моќта. Тоа е побитно од пристојност и чисти улици. Добредојдовте во иднината“.

Иднината на Либан, за која стравува Бел, одамна е реалност во други држави од регионот. „Тоа што сега го гледаме е крах на арапските држави под притисок на глобализираната економија и климатски промени, намалување на резервите на фосилно гориво и корупција. Денешните проблеми најверојатно не се ништо во однос на тоа што не’ чека“, смета Бел.

Beirut Libanon Müll Krise Müllkrise Protest Menschen Straße
Протести во БејрутФотографија: DW/B.Barraclough

Опасност за целиот регион

За Либан тоа може да значи дека земјата ќе биде уште подлабоко вовлечена во сириската граѓанска војна. Сунитските екстремисти се’ уште држат во заробеништво 25 либански војници кои ги киднапираа во август 2014 година. Се’ уште шиитската полиција на Хезболах се бори на страната на сирискиот претседател Асад против секуларните и џихадистичките противници. Се’ уште во Либан престојуваат милион сириски бегалци.
„Ако не се реши либанската криза, екстремизмот ќе се прошири и на сунитска и на шиитска страна“. Така пишува весникот „Ал Хајат“, предупредувајќи дека последиците ќе се почувствуваат дури и во арапските земји од заливскиот регион.

Кризата во Либан покажува колку се порозни државните граници, дури и таму каде, за разлика од Сирија и Ирак, се’ уште постојат. Правецот во кој се движи Либан пред една година го опиша поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер во својата книга „Светски поредок“ како можен правец за развој на ситуацијата на целокупниот Блиски Исток: „Национални и интернационални конфликти меѓусебно се зајакнуваат. Политички, религиски, трибални и територијални конфликти се мешаат“, прогнозира Кисинџер. Религијата поставува оружје во функција на геополитички интереси: „Цивилите ќе се убиваат врз основа на нивната религиска припадност“.

Bildergalerie Hisbollah-Anhänger im Nahen Osten Iran Teheran
Поддршка за лидерот на ХезболахФотографија: Getty Images/AFP/A. Kenare

Силите се неспособни да воведат ред

Регионалните конфликти можат да се решат само ако тоа го сакаат регионалните сили. Тој потенцијал го имаат само Иран и Саудиска Арабија, шиитската и сунитската регионална сила. Но, тие држави моментално се преокупирани со напори меѓусебно да се блокираат. Саудиска Арабија стана многу нервозна. Соединетите Американски Држави се договорија со Иран околу мирновременска употреба на атомска енергија, што предизвика голема недоверба кај саудиското кралско семејство. Ријад е дополнително загрижен, бидејќи и Русија се обединува со Иран. И Москва и Техеран се залагаат за тоа во Сирија претседателот Асад да остане на власт. Саудиска Арабија, меѓутоа, го гледа заминувањето на Асад од власт како најбитен предуслов за окончување на граѓанската војна.

Раздорот меѓу Саудиска Арабија и Иран не се однесува само на Сирија и Либан. Во Ирак, или уште повеќе во Јемен, овие држави се борат за превласт. Конкуренцијата меѓу Ријад и Техеран придонесе за зголемување на напнатоста во Јемен и избивање на граѓанска војна со илјадници мртви.

Libanon Flüchtlinge aus Syrien
Сириски бегалци во ЛибанФотографија: Getty Images/AFP/J. Eid

На работ на хаос

Секоја соработка на овие две регионални сили досега беше исклучена. Меѓутоа, постојат заеднички интереси. Пред се’ заеднички непријатели: Исламската држава, Ал каеда, или фронтот Ал Нусра. Исто така, координирана експлоатација на наоѓалиштата на нафта или воопшто смирување на целиот регион се заеднички цели, кои се потполно занемарени. Двете држави избраа конфронтација наместо кооперација. Либан трпи последици од таа конфронтација. Наместо стабилизација на земјата, целта на Техеран и Ријад им е да го прошират своето влијание.
Иран управува со Либан преку Хезболах, а Саудиска Арабија се обидува со помош на „Алијанса 14 март“. Предводник на Алијансата е Сад ал Харирит, син на претседателот на Либан, Рафик Харири, кој е убиен во 2005 година. Тој долго живеел во Саудиска Арабија и таму се здобил со значително богатство.
Либан не се смирува. Причината е проста: ниту една од двете регионални сили не е заинтересирана за тоа. Нивната неспособност да се надмине конкурентската конфронтација, турка уште една блискоисточна држава во хаос.