1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битката за Фукушима 1 продолжува

22 март 2011

Инжeнерите и техничарите во атомската централа Фукушима Даичи ја продолжуваат борбата за повторно ставање во функција на системите за ладење во реакторите и покрај тоа што од два од нив повторно излегува бела пареа.

https://p.dw.com/p/10exG
Фотографија: AP

Компанијата која управува со нуклеарката Токио Електрик Пауер Компани, или Тепко, денеска соопшти дека продолжува работата за повторно воспоставување на доток на електрична енергија до системите за ладење на реакторите 1,2,3, и 4 откако провериле дека чадот кој претходно излегуваше од двата реактори сега се претворил во пареа.

„Проценивме дека е безбедно да се продолжи со работа“, соопштија во Тепко, чии техничари во неколку наврати мораа да ја откажуваат спасувачката работа во централата поради опасноста од висока радијација, поради чадот што излегуваше од реакторите.

Оптимизам на берзата во Токио

Japan Tokio Börse 16. März
Фотографија: dapd

И додека обидите за спречување на целосно топење на реакторските јадра во нуклеарката продолжуваат, пристигнуваат нови извештаи за зголемена радијација во земјоделските производи од фармите во околината на централата, во морската вода, но и во водата за пиење во поширокиот регион на Токио. Властите беа приморани да ги запрат испораките на зеленчук и млеко, како и риби од поширокиот регион околу централата Фукушима 1 и продолжија да го уверуваат населението дека засега не постои директна закана за здравјето.

Инаку, индексот на акции на токиската берза, НИКЕИ, денеска, на крајот од тргувањето, заврши со раст од 4,36 проценти. Финансиските инвеститори се охрабрени од знаците на прогрес во ограничувањето на нуклеарната катастрофа во Јапанија, велат берзанските дилери за светските новински агенции.

Автор: СН/ЕМФ/ртр/дпа/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска