1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битката за Македонија низ призмата на Истанбул

22 февруари 2011

Новинарот Исмет Кочан денеска во Скопје ја промовира книгата Битка за Македонија. Станува збор за дело од историската литература, поглед на Турција на Балканските војни, со досега непознати материјали од турските архиви

https://p.dw.com/p/10Lbq
Книгата на Кочан се занимава со балканските војниФотографија: dpa

„Битката за Македонија“ е наслов на книгата на новинарот Исмет Кочан. Станува збор за преглед на Балканските војни со посебен осврт на Македонија низ призмата на турската историографија. Делото на Кочан нуди поинакви досега недостапни информации за овој клучен период од минатиот век. Тоа бил и мотивот на авторот да се зафати со пишување на ова дело од околу 200 страници. Да понуди архивска документација од “губитничката страна“ кои значително се разликуваат од официјалните балкански “победнички“ историографии.

“Јас многу внимавав да се воздржам од коментари и сакав да понудам фактографски нешта кои ќе бидат подлога за натамошни проучувања“.

Несомнено балканските војни претставуваат обид за расчистување на напластените проблеми помеѓу балканските земји и народи, а воедно и вовед кон идните воени и политички превирања и настани на Балканот, пишува во рецензијата професорот д-р Ванчо Ѓоргиев. Другиот рецензент, професор д-р Далибор Јовановски оценува: Оваа книга ни открива нешто што досега беше непознато за македонските историчари и читатели на историската литература. Погледите на турските историчари кои се претставени во ова дело даваат подруго светло за текот на Балканските војни.

Нови факти за балканските војни

“За ниедна историографија, па ни за турската неможе да се каже дека нема одредена доза на субјективност“.

Според турската историографија што ја обработува Кочан, балканските војни имале завојувачки и антиисламски карактер. Авторот објавува трудови во кои се содржани сведоштва на учесници во балканските војни како и изворна документација од Османлискиот архив во Истанбул. Повод плус за обајвување на ова дело за Кочан претставувал претстојниот јубилеј.

“В година се одбележуваат сто години од балканските војни“, вели Кочан.

Исмет Кочан е новинар, долгогодишен дописник на повеќе редакции меѓу кои и на македонската на Дојче Веле од Истанбул. Претстојот таму го искористил за подготовка на „Битката за Македонија“, книга која денеска во Скопје ќе доживее и официјална промоција.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски