1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисот бара укинување на задолжителната задолжница

Костадин Делимитов28 декември 2014

Задолжителна задолжница, К15, зголемување на минималната плата, придонеси за хонорарците. Во кондиција ли е стопанството да одговори на овие мерки? Бизнисмените се загрижени.

https://p.dw.com/p/1EAcF
Фотографија: DW/N. Velickovic

Законските измени кои стапија или допрва треба да стапат во сила создаваат загриженост кај дел од бизнис заедницата, посебно што во дел од нив се воведува и кривична одговорност за раководните лица. Стопанственици веќе предупредуваат дека дел од менаџерите веќе ги ревидираат своите позиции бидејќи не сакаат да ризикуваат и да бидат изложени на проблеми поради како што велат пресилното ставање на кривични клаузули во делови на законите. Посебно во делот на задолжителната задолжница која за оние што нема да ја поседуваат предвидува високи глоби дури и затворски казни. Тоа што примената на законот е одложена до 1 април не ги прави среќни стопанствениците:

„Стопанската комора на Македонија е против задолжницата која во основната верзија им создава непотребни дополнителни трошоци на компанијата, ги зголемува нотарските трошоци на многу високо ниво и апсолутно треба да се ревидира начинот на издавањето и условите во кои таа се издава ако веќе постои како инструмент. Нека постои, но нека биде дефинирана онаму каде е потребна и за оние компании кои немаат договор. Имаме доволно средства за обезбедување, меницата како инструмент, нотарски договор кој има извршна клаузула, така што сметаме дека не е потребно дополнително воведување обврски, а во духот на она што сега се залагаме во рамки на законот за финансискса дисциплина кој е повеќе од ригиден а проблематичен од аспект што државата не е вклучена во него. Целата работа лебди во воздух, зрели сме за повторно ревидирање на вкупното ревидирање во рамките на системот. Таквите елементи се корисни само за ад хок и плаќања во одреден период но не и за долгорочни договори. Како на коминтент со кој работите 25 години да му издадфете задолжница, тој нема да сака да работи со вас. Мислам дека е потребна ревизија, не ја одбиваме како средство но да не биде обврзителна. И до кога важеше како незадолжителна таа беше неинтересна и според нашите информации ја користеа само мал дел од фирмите“, коментира Антони Пешев претседател на Собранието на Стопанска комора на Македонија.

Аномалии во законот

И од Сојузот на стопански комори се против задолжителноста на задолжницата. Оттаму реагираат дека законот имал доста технички аномалии што ќе ја направат проблематична неговата примена:

„Задолжницата беше предвидена како механизам со кој компаниите на доброволна основа да побараат побарување на долгот. Сега таа примена во задолжителна. Ние веќе кажавме дека таа е добар механизам, но санкционирањето е престрого особено делот со кривичната одговорност предвиден за немањето на финансиски средства во моментот кога настанала обврска за исплата на задолжницата“, смета Данела Арсовска претседател на ССК.

Реагираше и задружението на правници од каде детектираат повеќе аномалии. Ако веќе се воведува како задолжително ваквото решение според нив треба да биде обврска за сите субјекти на пазарот:

„Ваков инструмент не е соодветно да се внесува во пазарна економија и веќе ако се внесува треба да важи за сите субјекти. Се знае најголем стопанственик во нашата држава е државата, а најголем дел во делот на должничко доверителски односи на приватните фирми кои учествуваат на јавните набавки е проблемот или доцнењето на наплатата од страна на јавно правните субјекти кои се финансираат од буџетот или од други извори. Мислам дека би требало, веројатно колку што знам и уставниот суд ќе ја разгледува иницијативата за нееднаков третаман на учесниците на пазарот со препишување на обврски само на приватниот сектор“, вели професорот Тито Беличанец, претседател на Здружението.

К15 -товар за работодавачите но и за враотените?

За непоседување задолжница за договори потешки од пет илјади евра законот предвидува казни и глоби од 1,500 до 5,000 евра, па дури и затвор во случаи кога во моментот на доспеаната наплата нема пари на сметка. Владата во меѓувреме ја одложи примената на законот и воведе можност за т.н. кумулативна задолжница која би траела за договори до една година. Дали сепак и ќе се повлече од намерата обврската да биде задолжителна, засега нема коментар. Освен задолжницата, големи проблеми на терен предизвикува и задолжителното исплаќање на К15 кој е утврден на ниво на минималната месечна плата, обврска која исто така важи само за приватниот сектор:

„Задолжителното исплаќање на К15 сметаме дека излегува од рамките на досегашните глобални трендови. Тоа го нема во западните економски сиустеми. Постојат бонуси, награди за извршената работа, но обврска за 13 плата е директно врзана со функционалноста и ефикасноста на компанијата. Со сила наметнување на таков вид на обврска е товар на компаниите и мислам дека во моментов нема капацитет. Сепак фирмите ја испочитуваа во значаен дел бидејќи е законска обврска“, предупредува Пешев.

„Во делот на К15 сепак и нашиот став е дека и покрај тоа што е позититвна мерка исто така требаше да биде оставена на избор на работодавачот, да не биде задолжителна бидејќи не секогаш секоја фирма е во можност да исплати К15 а секој работник кој заслужувал да биде награден, бил награден, и во оние ситуации кога немало законска обврска за тоа“, смета Арсовска.

Првичните искуства на терен покажуваат дека дел од фирмите го спроведуваат законот но ги изигруваат вработените. Вработени се жалат дека газдите во некои фирми им го исплаќале износот на К15 со обврска парите веднаш да им се вратат. Дел од газдите отидоа дотаму што ги намалуваат платите за вработените во износот на висината на К15.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема