1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бизнисменска прегратка“ меѓу Македонија и Косово

11 февруари 2011

Македонија и Косово најавуваат засилена економска соработка и наскоро потпишување договор за избегнување на двојното оданочување. Се планира и отворање нов граничен премин.

https://p.dw.com/p/10FxX
Министерот за финансии на Македонија Зоран СтавревскиФотографија: Petr Stojanovski

Политичарите на Балканот повеќе да се ракуваат, за да можат бизнисмените повеќе да се прегрнуваат. Ваква порака денеска од Скопје испратија министрите за финансии на Македонија и на Косово, Зоран Ставрески и Ахмет Шаља кои разговараа за унапредување на економските односи. Двете страни потпишаа договор за олеснување на царинските процедури, а најавија и можност наскоро од македонска страна да се отвори нов граничен премин кај месноста Дебалде, за подобрување и релаксирање на бизнис контактите меѓу двете страни.

Министерот Ставрески изјави дека едно од клучните барања на бизнис заедницата, носењето на договор за двојно оданочување, бил во фаза на изработка. Според него реално е да се очекува двете земји да го усвојат во првата половина на годинава.

Трговската размена бележи нагорен тренд

Euro Scheine Geld
Фотографија: dpa/PA

Податоците за раст во трговската размена покажуваат нагорен тренд. Косово е седми најзначаен трговски партнер на Македонија. Косовскиот министер смета дека освен политичката волја потребни се и поинтензивни економски контакти, но и олеснување на бирократските процедури. Министерот Шаља порача дека на бизнисот треба да се гледа и да се чувствува релаксирано, за да се надмине секоја бирократска бариера. Договорот кој го потпишаа двете страни, според него, ќе ја зголеми ефикасноста на двете царини и ќе овозможи поефикасно справување со сите пречки, но и борбата против организираниот криминал. Шаља исто така очекува двете влади наскоро да го потпишат договорот за избегнување на двојното оданочување.

Според последните податоци, вкупната трговска размена меѓу Косово и Македонија изнесува 450 милиони американски долари, од кои 420 се стоки извезени од Македонија. Суфицитот на македонска страна е главно поради извозот на нафени деривати од рафинеријата Окта. Двете страни преговараа за заедничко инвестирање во енергетскиот проект Луково поле, но откако косовската страна се откажа, Македонија сега сама ќе го реализира овој проект. Еден од клучните проблеми е и патната инфраструктура. Иако бизнисмените инсистираат на модернизација на автопатот Скопје-Приштина, овој проект засега тапка во место.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска