1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисмените бараат смирување на тензиите

3 јуни 2009

Усложнувањето на политичките односи со Косово може да и‘ донесе на Македонија негативни ефекти на планот на економската размена со него - предупредуваат претставници на коморски организации, бизнисмени и експерти.

https://p.dw.com/p/I2WA
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Касам Зендели, потпретседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија, истовремено и директор на млекопреработувачката фабрика „Еко - Шар“ од тетовско, вели: „Моментно, економската соработка со Косово се одвива добро и нема пречки. Но, последните проблеми во политиката, поточно кажано, случајот со претседателот на Косово, може да има негативни ефекти во иднина врз економската размена“.

Македонските фирми се плашат да не ги загубат партнерите во Косово

Хамди Љатифи, сопственик на градежната фирма „Голец Транс“ од Желино, тетовско, ја објаснува секојдневната ситуација во која се наоѓаат како стопанственици, по несаканите политички тензии со Косово: „ Се тресеме, се плашиме да не се случи нешто несакано: ќе се блокираат границите и ќе почнат да се малтретираат фирмите, ќе нема добра наплата. Косово има можности да си најде други нови партнери, а нас да не‘ фрли настрана“.

Symbolbild Euro in der kasse p178
Економската размена на Македонија со Косово изнесува околу 250 милиони евра годишноФотографија: dpa

Професорот по макроекономија на Државниот универзитет во Тетово, Петрит Положани истакнува: „Во такви значајни моменти, во рецесија, кога се бориме со голем дефицит и кога имаме проблеми со девизните резерви, ова претставува дополнителен товар. На тоа треба да се смета сериозно и треба да се преземат конкретни чекори во тој правец .“

Касам Зендели од коморската организација на северозападниот дел на Македонија предупредува дека и отворањето на новиот сообраќаен коридор на Косово кон поморското пристаниште Драч, во Република Албанија, може да ја влоши дополнително ситуацијата за Македонија: „Постои голема можност да се случи тоа, затоа што ќе биде подобра инфраструктурата со Албанија. Значи, ќе има пристап до морето и до цела Европа “.

„Соседите треба да си подадат раце, а не да тераат инаети“

Која е пораката од бизнисот до политичарите? Шефки Идризи, претседател на Регионалната стопанска комора во тетовскиот регион на државната Стопанска комора на Македонија, истакнува: „ Особено сега, во оваа светска криза, не би смеело владите да прават такви грешки. Пораката е: ние сме соседи врата до врата, за нас тие врати треба да се отворат и да се подадат рацете, а не да се тераат стари инаети.“

Хамди Љатифи има конкретен апел: „Апелираме, јас и моите колеги кои имаат фирми - да се внимава многу, Владата на Македонија треба многу да ги отвори очите и да направи се‘ што треба.“

Останува да се види колку политичарите од Македонија, но и од Косово, ќе имаат слух за овие апели и предупредувања, да не дозволат негативни реперкусии од нивните политичко – дипломатски релации врз бизнисот на двете страни.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска