1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бигорски никнува од пепелот

30 септември 2010

По ланскиот пожар на 30 септември, во кој во манастирот „Свети Јован Крстител“, во близина на Дебар, до темел изгореа старите конаци Горни Палат, храмот попознат како Бигорски, полека се обновува.

https://p.dw.com/p/PQKQ
Манастирот повторно добива ликФотографија: Vera Todorovska

Вгнезден во пазувите на Бистра, покрај пенливата Радика, манастирот Свети Јован Бигорски, едно од најстарите и најпознати македонски православни светилишта, пополека заздравува од минатогодишната голема трагедија што го снајде. Утрото на 30 септември пламените јазици го проголтаа Горни Палат, стари конаци, единствени зачувани по нивната автентичност во поширокиот регион. Изгореа конаците во кои беа сместени монашките живеалишта, библиотеката, гостинската просторија, кујната, двете трпезарии. Денеска, по една година, не се чувствува пепел во воздухот, ни чад, ни мирис на изгорено. Сликата за Бигорски е сосема поинаква, иако остатоците од Горни Палат се‘уште потсетуваат на тоа трагично утро.

„Веднаш по пожарот беше започнато со изградбата на т.н. конак Источен Палат. Сега тој е завршен, монасите се веќе вселени во своите ќелии. Ситуацијата во манастирот е многу порелаксирана. Гостинскиот конак е во функција за примање на гости,“ вели Отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.

Ikonostas Sv.Jovan Bigorski
Иконостасот во црквата во манастирот БигорскиФотографија: DW

Помош од повеќе страни

Игуменот на манастирот, архимандрит Партениј, додава дека за оваа намена биле вложени околу 300.000 евра, додека вредноста на новоизградениот дел достигнува околу 2 милиони евра. Во меѓувреме изработен е проектот за Горни Палат, вели архимадритот и одговара на прашањето колкава е хуманоста на граѓаните.

„Многу сме задоволни, пред се‘ од хуманоста на обичните верници кои притекнаа и ни помогнаа и затоа го имаме Источниот Палат, со 3.600 кавадратни метри. Тука отсуствуваа поголемите фирми. Очекуваме и понатаму од поголемите фирми и од граѓаните да помагаат за да се доврѓи тоа прекраснодело,“ вели ортец Партениј.

Kloster Sv.Jovan Bigorski
Веднаш по пожарот беше направен увид во штетитеФотографија: MIA

Манастирската тишина повремено ја прекинуваат звуци од машините, алатките на работниците и чекорите на верниците. А нив ги има од секаде.

„Дојдовме од Елбасан, од Тирана, за да го видиме манастирот. Многу ми се допаѓа, ваква убавина досега не сум видела во моите четириесет години, вели Албиона Хисени, една од трисеттината албански туристи.

„Јас сум од Битола. Често доаѓам во посета на манастирот. Многу сум среќен што се обновува по минатогодишниот пожар,“ вели битолчанецот Владе Тасевски.

Претстои уште многу работа, а со помош на хуманите луѓе се верува дека овој божји храм, изграден во 11 век, кој преживеал многу премрежија, до година ќе го добие потребниот сјај.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Жана Ацеска