1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Библиотека достапна во целиот свет

21 април 2009

Видео и аудио-записи, книги и карти стари стотици години - од денеска овие образовни материјали може да се најдат во интернет библиотеката на УНЕСКО. Проектот е дело на партнерска соработка меѓу повеќе организации.

https://p.dw.com/p/HbIH
Книгите добиваат нова форма!Фотографија: AP/DW

Организацијата за образование на ОН, УНЕСКО, пушти во употреба интернет библиотека, достапна во целиот свет. На интернет страницата, УНЕСКО нуди избор на книги кои имаат историско и културно значење, од различни епохи. Освен ова, може да се најдат и манускрипти, слики, филмови и аудио-записи од библиотеките и архивите од Северна Америка до Австралија и Океанија, од Источна Азија, преку Европа до Африка и Латинска Америка. Целта на оваа библиотека, која содржините ги нуди бесплатно, е да се постигне поголемо разбирање меѓу народите во светот како и наставниците, учениците, студентите и целата јавност да имаат пристап до интересни образовни содржини.

Проектот е дело на 32 партнерски организации под раководство на библиотеката на американскиот конгрес. Засега не е воспоставено партнерство со некоја германска библиотека. Според германските претставници во Меѓународниот сојуз на библиотеки, Германија заостанува при дигитализирањето на книгите и документите. Инаку, самиот проект е на почеток и во меѓународни рамки. Во моментов, на интернет страницата www.wdl.org има објавено само околу илјада дела. Иако германскиот не е официјален јазик, во онлајн библиотеката може да се најдат повеќе германски дела. Меѓу нив „Картата на иселениците и патоказ кон Северна Америка“ од 1853 година и книгата „Германија и нејзините колонии“ од 1902 година. Книгите и образовните материјали се достапни на шест јазици, воедно официјални јазици на ОН: арапски, кинески, англиски, француски, руски и шпански.

Автор: АТ/ЖА/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска