1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Беснеење на фудбалските хулигани во Атина

19 март 2012

Поради тешки безредија синоќа (18.03.2012) мораше да биде прекинато супердербито во грчкото фудбалско првенство меѓу Панатенаикос и Олимпијакос.

https://p.dw.com/p/14Md1
Фотографија: dpa

На мечот меѓу второпласираниот Панатенаикос од Атина и лидерот на табелата Олимпијакос Пиреја дојде до судири меѓу навивачите на двата тима, како и со полицијата. Хулиганите фрлија десетици молотови коктели на трибините, на кои имаше околу 50 илјади гледачи, како и на теренот. Грчките медиуми јавија дека Олимпискиот стадион во Атина горел на 30 места. Натпреварот мораше да биде прекинат на 11 минути пред крајот, при водство од 1:0 за гостите од Пиреја.

Според наводите на полицијата, 57 лица биле уапсени, а десетици лица, меѓу нив и четворица полицајци, се повредени. Играчите и тренерите на двете екипи изразија шокираност од случувањата.

„Останав без зборови. Ова не е ден на кој може да се биде среќен“, изјави тренерот на Олимпијакос, Ернесто Валверде.

„Ова е катастрофа за овој ’бисер’, штетите во моментов не можат точно да се проценат, меѓутоа се многу големи“, изјави директорот на Олимпискиот стадион во Атина, Лазарис Грикис.

Уште на полувремето избија безредија пред стадионот, откако голема група навивачи се обиде да влезе без карти. Полицијата мораше да употреби солзавец и сила против хулиганите.

Второто полувреме започна со едночасовно задоцнување. Судијата Анастасиос Какос ги повика сите играчи и ги замоли за помош со цел натпреварот да може мирно да се приведе до крај. Но насилните сцени на трибините го спречија тоа:

„Би сакал да зборувам за фудбалот, кој би ја фасцинирал цела Грција. Не разбирам зошто се случи сето ова“, изјави тренерот на Панатенаикос, Хесуалдо Фереира.

Автор:СН/ЖА/ дпа/ртр

Редактор: Е. М. Фиданоска